Савески: Ќе издржиме во оваа борба и нема да се предадеме
На протестот на „Шарената револуција“ вечерва пред Владата се обрати Здравко Савески од „Левица“.
Тој по 50 дена куќен притвор, вчера беше пуштен на слобода, а се товари за демолирање на канцеларијата на претседателот, Ѓорѓе Иванов. Да не беа протестите толку креативни и масовни, нас ќе ни беше многу потешко да издржиме 50 дена во притвор, кажа тој пред граѓаните.
„Заедно сме посилни и заедно ќе победиме. Ни го укинаа притворот, но ние не сме слободни. Македонија не е слободна. На власт има криминалци кои го осиромашија народот. Штетата за канцеларијата на Иванов ја проценија на 15.000 евра. Пишуваа глупости колку да земат што е можно повеќе од граѓаните. Но, ние ќе издржиме во оваа борба и нема да се предадеме. Народот кој храбро гази напред ништо не може да го запре. Другари, ќе победиме!” –изјави Савески.
Демонстрантите потсетија дека има уште три дена до исполнување на нивните барања да се стопира прогонот на демонстрантите и Уставен суд да се произнесе за уставноста на СЈО. Обоена беше Владата и улицата пред Владата, каде беше напишана бројката 3.
Ако власта нема слух за нивните барања, најавија дека ќе ја земат правдата во свои раце.
