Сашо Кокаланов: Кежаровски не доби шанса како Бучковски, зошто власта сметаше дека нема со што да се пазари!
Дел од македонските новинари денеска накусо ги објаснуваат своите стојалишта во врска со „случајот Кежаровски“ и можните импликации што тој со себе ги носи.
Сашо Кокаланов, уредник на викенд изданието на Слободен печат, смета дека Кежаровски е нашиот државен испит:
Во Македонија наместо пазарна економија имаме пазарно судство. За мене нема дилема дека иста рака ги пишува исполитизираните пресуди во Македонија. Мислам дека Владо Бучковски доби шанса и за сосема поинаква пресуда од затворската казна, а услов беше неговата „Позитивна Македонија“ да успее да стане алтернативна опозиција за СДСМ. И покрај фрлените сериозни пари од Минчо Јорданов за кампањата, по дебаклот на Бучковски на изборите, стана јасно и каква ќе биде неговата пресудата, бидејќи тој изгуби употребна вредност за пазарење. Тоа, што се уште не заминал на отслужување на казната мислам дека е поврзано со калкулациите на власта околу парламентот и мандатот на пратениците на СДСМ, но и тука употребната вредност се истенчи.
Што се однесува до Кежаровски, тука власта сака да постигне две цели: да се заплашат сите новинари кои ќе се охрабрат да чепкаат кај што не им е мајката, од една страна, од друга да се намали казната за да се покаже некаква попустливост пред странците.
Кога на кантарот ќе се стават овие две работи се добива ваква пресуда. Приведувањето веднаш со полиција и лисици, иако Кежаровски најкоректно и без обиди за бегства си го издржуваше домашниот притвор е поврзано со првата цел – демонстрација на сила. Сега е потребен жесток одговор од целата фела, но и од сите граѓани! Ако милион луѓе излегоа во Париз за да застанат на браникот на слободата, зошто и ние масовно да не го сториме тоа! Или нам слободата не ни е потребна колку на Французите? Кежаровски е нашето екстерно тестирање и државен испит дали ја заслужуваме слободата.
Слично
