Сараќини:Бизнисот и образованието мора да работат заедно
Министерот за економија Ваљон Сараќини и министерот за образование и наука Панче Кралев заминаа на работна посета на Загреб, да бидат дел од Регионалниот самит „Претприемништво–образование“, заедно со министрите од осум претпристапни земји во ЕУ и од Турција. Како што стои во соопштението, целта на самитот била да се разгледа значењето, потребата и начините за унапредување на претприемништвото и претприемничкото учење, како моќен фактор за раст и за обезбедување на нови вработувања.
„Република Македонија, уште од април 2000 година, со потпишувањето на т.н. „Мариборска декларација“ и со пристапувањето кон Повелбата за мали претпријатија на самитот во Солун 2003 година, ги прифати принципите на Повелбата, како фундамент за идни мерки и активности за поддршка на развојот на секторот на мали и средни претпријатија, истакна министерот Сараќини.
Според него, малите и средните претпријатија се клучни за економскиот развој на Република Македонија, со учество над 99 проценти во вкупниот број на претпријатија, со што се докажуваат како важни креатори на општествениот производ во целина, не занемарувајќи го и фактот дека 78 проценти од вработените се ангажирани во секторот на мали и средни претпријатија. Поттикнувањето на претприемништвото е повеќе од потребно, посебно кога светот се соочува со последиците од економската рецесија, вели Сараќини. „Притисокот за вработување, особено зголемувањето на бројот на млади невработени, би можел во голема мерка да биде олеснет доколку бизнисот и образовниот систем работат заеднички во подготвувањето на граѓаните и општеството за работните предизвици кои ги носи иднината“, потенцираше министерот за економија во своето излагање во Загреб. Како што денеска соопшти Министерството за економија, во рамките на Самитот, министерот за образование и наука Панче Кралев ја потпиша „Повелбата за претприемничко учење - камен темелник за раст и работни места“.
Слично
