Сараќини од САД: За подобра економија ни треба влез во НАТО
Присуството на молитвениот појадок и посетата на македонските владини претставници на САД е одлична шанса за претставување на државата, особено во контекст на нејзино интегрирање во ЕУ и НАТО, но и со цел привлекување на нови инвеститори и зајакната економска соработка, оценува Министерот за економија, Ваљон Сараќини.
„Имав можност да се сретнам со повеќе конгресмени, колеги министри, но и моќни бизнисмени од повеќе земји, меѓу кои и поранешниот Премиер на Норвешка, а голем пријател на Република Македонија, Кјел Магне Бондевик. Ваквите средби се значајни во секој поглед за Македонија, како за зацврстување на постојните сојузништва, така и за создавање на нови“, истакна Сараќини.
За мошне корисна Сараќини ја смета и средбата со Претседателот на Националниот албански американски совет (НААЦ) Авни Мустафај, поради како што вели, континуираната поддршка која оваа организација на Албанците во САД ја дава за реализирање на македонските стратегиски цели, пред се членството во НАТО и во Европската Унија.
„Националниот албанско-американски совет постои веќе 17 години, има околу 400 членови од вкупно 150 илјади припадници на албанската дијаспора и претставува најголемата организација на Албанците во САД. Нејзиното влијание е огромно, со оглед на фактот што има одлични односи со многу моќни личности во Конгресот, во Сенатот, и воопшто во американската политичка елита. Таа е во постојана координација со Обединетата македонска дијаспора. Нивното влијание треба да го цениме и да го ползуваме, особено во контекст на олеснување на патот на Република Македонија кон НАТО, а со тоа и посигурно позиционирање на државата во светот на економските и инвестициските текови“, истакна Министерот.
Слично
