Сараќини на Топ 100: Албанската бизнис заедница има силен потенцијал
Македонските компании сопственост или под водство на припадници на албанската зедница преку своите деловни активности покажаа дека имаат кондиција да опстојат на пазарот на долг рок, истакна денеска министерот за економија Ваљон Сараќини на промоцијата на каталогот „Топ 100“, во кој се сместени најдобрите компании на албанската бизнис заедница во Република Македонија.
Поектот реализиран од страна на Стопанската комора на Северозападна Македонија се спроведува по втор пат, а според Сараќини има за цел да ја промовира силата на компаниите на локалниот пазар, кои минатата година покажаа завиден успех.
„Едицијата која стои денеска пред нас зборува и за еден силен потенцијал што постои кај албанската бизнис заедница, потенцијал за развој во смисла на обем, но и потенцијал за развој на нови технологии и осовременување на оперативните процеси. Станува збор за 100 компании од вкупно 250, кои се водени или се во сопственост на Албанци по најважните параметри: профит, приход и број на вработени“, истакна министерот и додаде дека овие компании,оствариле приход од над половина милијарда евра во македонската економија.
За време на промоцијата на каталогот „Топ 100“ беше забележано дека според податоците на Државниот регистар на Република Македонија, само приходот на овие 100 компании учествува со 3 % од вкупните приходи на компаниите во земјата, додека пак, приходите на 12.000 компании водени или поседувани од припадници на албанската заедница учествува со 20 отсто од вкупните приходи. Според официјалните податоци, само во овие 100 компании се вработени над 4.500 лица, а во сите 12.000 над 20 отсто од вкупниот број вработени во реалниот сектор.
Затоа, посочи Сараќини, министерството за економија и Владата во целина ги следи и поддржува активностите на реалниот сектор, преку креирање на политики и регулативи кои ќе овозможуват соодветна поддршка.
Тој исто така истакна дека преку ЕИБ се обезбедени кредити со поволна каматна стапка во вкупна вредност од 100 милиони евра, а во соработка со бизнис секторот, Министерството овозможува и техничка помош за полесно аплицирање за средствата од ЦИП програмата, преку која компаниите имаат на располагање 460 милиони евра.
Бизнисмените, пак додаде Министерот, имаат пристап и до Платформата за развој на компании и иновации, во висина на 145 милиони евра, наменети за инвестиции во иновации, инвестиции за отпочнување на нов бизнис, за компании со висок потенцијал за раст и поддршка на регулаторни реформи.
Слично
