Сараќини ги разгледува можностите за бизнис во Сарај
Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска се сретна со градоначалникот на општина Сарај, Беким Мурати. За време на средбата Сараќини посочи дека преку владината програма за развој на општините може да се реализираат проекти кои ќе го подобрат стандардот на живеење и ќе отворат нови работни места.
„Сарај има многу добри услови за развој на земјоделството, енергетиката и туризмот и е идеално место за инвестиции“, рече Сараќини кој додаде дека со градоначалникот на општина Сарај ќе биде покрената иницијатива за формирање на нова индустриска зона.
Сараќини ја посети и месната индустрија „Ука комерц“, која е прва фабрика во земјава што има имплементирано Халал стандард.
„ Веднаш по спроведување на стандардот Халал, „Ука Комерц“ го зголеми производството за 20 проценти, извозот до 15, додека бројот на работници за дури 20 отсто. Халал стандардот им отвори нови пазари за извоз“, рече Сараќини.
