Санта Аргирова ќе биде нов главен и одговорен уредник на МТВ?!
Санта Аргирова е предлогот на Социјалдемократскиот сојуз за нов главен уредник на МТВ кој ќе треба да стапи на функцијата од први септември, дознава Фактор. Нашите извори ниту ја потврдуваат ниту ја демантираат информацијата за номинацијата на долгогодишната новинарка а во последниве неколку години и писателка Санта Аргирова .
„Да сочекаме прво да се одржи лидерската средба. Не би сакале да прејудицираме со името на главниот уредник. Се’ уште ништо не е конечно “, велат извори за Фактор.
Се очекува предлогот на опозцијата, Санта Аргирова да биде главен уредник на МТВ да биде прифатен и од трите партии потписници на Договорот од Пржино.
Преку работата во МТВ, Телма, емисијата „Пресинг” на Алфа ТВ, но и како дел од кабинетот на поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева, Аргирова во последниве две децении константно ја следеше политичката сцена .
Нејзините новинарските почетоци беа токму во МТВ каде во еден период беше и уредник на надворешно-политичката редакција.
Аргирова, доколку биде избрана на функцијата ќе има задача од МТВ да направи вистински јавен сервис без фаворизација на одредени партиско политички интереси . По промениите во сопстевничката структура на Алфа телевизија, Аргирова се повлече од новинарство и се посвети на пишаниот збор преку објaвувавње на нејзини книги како . „Добро утро Јаков“, и „Портрет од Дрезден“ .
Во декември минатата година во интервју за Фактор, Аргирова говореше за своите книги, за невремето во кое живееме, за политичките состојби, но и за одговорноста на медиумите и новинарите.
„Ова станува трилер ситуација со хорор обележја. Новинарите ги бркаат од седници, им ја оневозможуваат работата, ги смрзнуваат пред Клубот на пратеници. Сведоците на јавноста недоволно гласно го прифатија или го премолче(вме)а чинот на исклучување од настаните кои ни го креираат животот. Бркањето на новинарите после 24 декември 2012 добива на интензитет. Ништо не е нормално ама овде ненормалното е нормално… Новинарите се свесни за омаловажувањето што им се приредува, но стравувам дека без силна и единствена реакција ние, претставниците на седмата сила, целосно ќе се претвориме во антихерои. Ужасно е кога очекуваш од луѓето што ја водат државата да ти понудат перспектива, а тие загледани во минатото ти нудат прашање или пропагандна реторика: „А СДСМ што правеше?“ Епа ако овде се доаѓа на власт за да зборуваме што правеше претходната власт, по загубените избори, тешко со нашата иднина. Постојано се повикува дежурниот виновник. Кај возите ако цело време гледате во ретровизор? Црни зборови за минатото за да ги прочистиме сопствените гревови денес. И да слушаме дека 10 години владеење на ДПМНЕ се загревање за прогресот кој ете само што не дошол“ рече пред девет месеци во разговор за Фактор новинарката и писателка, а можеби и иден главен уредник на МТВ Санта Аргирова.
Горазд Чомовски
Слично
