Сања Васиќ: Демонстрација на сила и насилство кон јавно изговорениот збор!
Дел од македонските новинари денеска накусо ги објаснуваат своите стојалишта во врска со „случајот Кежаровски“ и можните импликации што тој со себе ги носи.
Сања Васиќ, Телма:
Приведуваето на нашиот колега Кежаровски само 24 часа по објавување на втората срамна пресуда само затоа што професионално си ја вршеше работата, е сурова демонстрација на сила, но истовремено и демонстрација на слабост заради неговото достоинство и храброст пред најстрашниот предизвик – одземањето на слободата. Тоа е демонстрација на сила и за сите негови колеги кои застанаа во негова одбрана и во одбрана на професијата.
Ова не е притисок само врз сите нас, како новинари, туку и врз сите нас како граѓани. Јасно е дека со невидената суровост и безобзирност кон животот и судбината на Кежаровски и неговото семејство се испраќа закана. Се засилува ова насилство кон јавно изговорениот збор, кон новинарството, кон демократијата. Она што можеме да го направиме како новинари е да не молчиме. Селективната правда, корумпираното судство и притисокот на власта од Томче Кежаровски само создаваат симбол на новинарската слобода.
