Самсоненко го презема ФК „Вардар“
„Од 2011 година до сега Град Скопје во ФК Вардар инвестираше 75 милиони денари што резултираше со стабилизирање на клубот и станување на шампион на Првата македонска фудбалска лига две години по ред. Сметаме дека сега е моментот да се отстапи место за нов сопственик кој ќе инвестира во клубот и ќе овозможи излез на ФК Вардар на меѓународната сцена. Договорот за продажба е во завршна фаза и се надевам дека истиот ќе биде потпишан нареднава недела“, рече градоначалникот Коце Трајановски.
Самсоненко најави дека во наредниот период ќе работи на засилување на тимот, а ќе изгради и камп со терени и простории за тимот каде играчите ќе добијат услови за тренирање и подготовки.
„Мојата цел не е еден настап на Вардар во групите на Лигата на шампионите, туку континуирани учества во истата. Гарантирам дека ќе работам чесно и посветено, па заедно ќе се радуваме на идните успеси“, рече Самсоненко и додаде дека во идинина очекува да гледа полни трибини на Филип Втори.
