Само за информатичари останаа неподелени стипендии
Вкупно 2.905 стипендии за студенти ќе додели Министерството за образование и наука за академската 2013/2014 година. На конкурсот се пријавиле речиси двојно повеќе студенти кои побарале стипендија од државата.
Стипендиите првпат се доделуваат според правила утврдени во новиот Закон за студентски стандард, донесен минатата година.
„Најважно е што многу се зголеми свеста кај апликантите дека системот тешко може да се изигра преку лажно прикажување податоци и имотно-материјална состојба или, пак, за просечниот постигнат успех“, истакна министерот за образование Спиро Ристовски.
За стипендиите се аплицираше електронски, а поради несогласување на податоците во електронската пријава и во доставените документи, неуспешни биле 693 апликации. Откако ќе ги добијат решенијата на домашна адреса, одбиените студенти ќе имаат право на жалба до комисијата на МОН.
Во првата категорија се распределени сите 1500 стипендии во месечен износ од 3.000 денари, наменети за студенти од социјално ранливи категории и предност за студенти од семејства на самохрани родители.
Во втората категорија се распределени сите 630 стипендии во висина од 4.000 денари месечно, наменети за студенти со успех на студиите (најмалку 8.5 просечна оценка за студенти од техничките факултети и од медицинските науки и најмалку 9 за тие од општествените и од уметностите).
Во третата категорија се доделени сите планирани 650 стипендии од 3.000 денари, за студенти од природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки, кои постигнале просечен успех од најмалку 7.
Од 125 се доделени 104 стипендии за студенти од програмите по информатика, а за останатите 21 ќе има повторен конкурс. Овие стипендии имаат највисок износ, месечно по 5.500 денари и ги добиваат студенти по информатика со особено висок успех од најмалку 9 просечна оценка.
Слично
