САМО ШТО ЗАВРШИ ПРЕТХОДНИОТ, ВЛАДАТА ОБЈАВИ НОВ ОГЛАС - не запира потрагата по стратешки инвеститори, Французите засега најсериозни
Само што заврши првиот, Владата веќе веднаш распиша нов Јавен оглас за пријавување на фирми кои се заинтересирани да станат стратешки инвеститори во земјава.
Како што е познато, претходниот јавен повик за поднесување барање за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект траеше до 31 јануари оваа година, а сега веќе на веб страницата на Владата може да се види дека е објавен нов оглас за стратешки проект, и тој ќе трае цела година, односно се до 31 јануари 2023 година.
Фактор се интересираше во Владата колку и кои компании од земјава или странство се пријавиле на претходниот јавен повик, но и колку веќе има реализирани стратешки инвестициски проекти.
Оттаму добивме објаснување дека тој јавен повик е постојано отворен, што значи дека не завршува, туку цело време е во тек, а крајниот датум е ставен само со цел да се запази правната рамка која е неопходна при објавување на јавни повици.
„Тука не станува збор за класичен јавен повик како кај тендерите, да биде со краен рок после кој нема пријавување, туку тоа е јавен повик кој е постојано отворен. И кога една компанија ќе поднесе барање за утврдување статус на стратешки инвестициски проект, тоа не значи класично пријавување, туку таа искажува интерес, по што има бројни прашања и од двете страни за најразлични нејаснотии и детали околу самиот проект, за тоа какви документи се потребни и се останато. Односно, станува збор за големи проекти, на милионски суми, а постојат и бројни услови, и затоа треба сите детали убаво да се прецизираат, пред некој да го добие статусот на стратешки инвеститор во земјава“, објаснуваат од Владата.
А, она што е факт, е дека за секој стратешки инвестиционен проект ќе мора да се донесе и посебен Закон во Собранието, значи конкретен закон за секој конкретен проект, што е направено со цел да се зголеми транспарентноста. Односно, пред да се одобри било кој стратешки проект на големи суми пари, за тоа јавно да дискутираат сите народни избраници во Собранието и таму отворено да ги постават сите дилеми и сите отворени прашања, па да гласаат и да го одобрат, пред да почне неговата реализација.
Досега во Собранието не е донесен таков закон за конкретен стратешки проект.
Владата, пак, досега има позитивно одговорено, односно има утврдено статус на неколку стратешки инвестициски пректи, главно во делот на енергетиката.
Односно, како што било известено од владина седница во декември, лани, Владата донела одлука за утврдување статус на два стратешки инвестициони проекти. Првиот на Друштвото за производство, трговија и услуги „РИНУАБЛ ПАУЕР ИНТЕРНАТИОНАЛ ДООЕЛ Скопје", односно за инвестиција на фотонапонска електрана со јачина од 85 мегавати. „Соларната електрана на стратешкиот инвеститор вредна 63 милиони евра ќе биде изградена во атарот на Долни Балван, Општина Карбинци“, соопштија тогаш од Владата.
На истата таа седница Владата донела уште една одлука за утврдување стратешка инвестиција - за компанијата „ХЕК СОЛАР МК ДООЕЛ Скопје", којашто ќе инвестира во изградба на фотонапонска електрана со јачина од 70 мегавати и со вредност од 53 милиони евра.„ХЕК СОЛАР МК" соларната електрана ќе ја гради во Општина Пехчево.
Во септември годинава, пак, Владата, на предлог на Комисијата за стратешки инвестициони проекти, со посебни одлуки ги утврдила како стратешки инвестиционите проекти, на Друштвото за производство на енергија ЕФТ „Солар“ дооел Скопје и на Друштвото за производство, трговија и услуги „Ветерен Парк Вирови“ дооел Скопје.Според мислењето на Комисијата за стратешки инвестициони проекти, проектот на ЕФТ „Солар“ за „Сончева електрична централа Ерџелија“ и проектот на Ветерен парк Вирови за „Ветерна електрана Вирови“ ги исполнуваат условите од Законот за стратешки инвестиции и со овие одлуки тие се квалификуваат за вадење банкарска гаранција која им е неопходна за целосно затворање на постапката за стратешки инвестиции утврдена со законот.
По ова, во ноември лани беше објавено дека Северна Македонија ќе добие соларен парк, кој ќе биде еден од најголемите во Европа со капацитет за производство на електрична енергија од 350 до 400 мегавати (MW). Станува збор за директна француска гринфилд инвестиција најголема во овој домен, за македонската економија.
За сларниот парк „Стипион“ се најави дека ќе се гради ќе се гради во текот на оваа година на локацијата која беше предвидена за карго аеродромот во Штип. Поради движењата на ветровите оваа локација не е погодна за изградба на аеродром, но согласно анализите на соларната радијација, карактеристиките на земјиштето како и оддалеченоста од преносната мрежа, оваа местоположба има одлични услови за изградба на фотонапонска електрана.
„За успешна реализација на инвестицијата, Владата донесе Одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект на Друштво за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР“ – Скопје. Овој стратешки проект ќе го реализира водечката француска компанија за производство на електрична енергија исклучиво од обновливи извори „Акуо Енерџи“ од Франција. Проценетата инвестиција се очекува да биде околу 270 милиони евра, за која во фаза на подготовка е посебен закон за реализација на оваа инвестиција, кој се очекува да се донесе во првиот квартал на наредната година. Согласно планот, првите количини на електрична енергија ќе протечат во текот на 2023 година, а целосна реализација се очекува до крајот на 2024 година. Производство на електрична енергија е проценето на околу 650 (GWh) гигават часови на годишно ниво, што преставува 16 отсто од годишното производство на електрична енергија од АД „ЕСМ“. Оваа фотонапонска централа ќе ги задоволува потребите на околу 116 илјади домаќинства“, се наведе во тогашното владино соопштение.
Инаку, за стратешки инвестиционен проект се смета проект со кој реализира инвестиција во
висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе
општини, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во
градот Скопје и градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште
во село“.
