Само СДСМ ги облече маичките „Слобода за Кежо“
Маиците со натпис „Слобода за Кежо“ ги облекоа пратениците од опозицијата, само тие се солидаризираа за ослободувањето на новинарот Томислав Кежаровски.
Во време кога вниманието на домашната јавност во Македонија е свртено кон слободата на медиумите, од ВМРО-ДПМНЕ повикуваат овој случај да не се злоупотребува за политички цели. Според нив, ваквите постапки само можат да и наштетат на земјата. Но, СДСМ одговара дека опозицијата и граѓаните имаат право на ваков протест.
Во саботата иницијативниот одбор за слобода на новинарот во Собранието достави 123 маици со написот „Слобода за Кежо“. Новинарот веќе два месеца се наоѓа во притвор поради тоа што во 2008 година го открил идентитетот на еден заштитен сведок во судски процес за нарачано убиство.
Јавната обвинителка Лиле Стефанова која го застапува обвинението во случајот „Ликвидација“, каде што покрај судии, обвинители и адвокати, обвинет е и новинарот Томислав Кежаровски, тврди дека понудената гаранција е мала, објави порталот Дума.
„За обвинетиот Томислав Кежаровски е понудена гаранција во износ од 1.266.000 денари, која како што наведов и претходно, не кореспондира со тежината на кривичното дело кое му се става на товар на обвинетиот и не може да се прифати дека со истата ќе се обезбеди неговото присуство“ – пишува на крајот од обвинението обвинителката Лиле Стефанова.
Обвинителката му предлага на судот да не ја прифати одбраната на Кежаровски, кој се бранел дека немал намера некому да стори зло, дека во првиот број на весникот го прикрил телефонскиот број на сведокот, а во вториот, објавувањето било грешка, која не била намерна.
„Од увидот во списанието „Репортер“ се гледа дека на страната каде што е објавен текстот, обвинетиот Кежаровски го цитира Законот за заштита на сведоци, по образование е дипломиран правник и апсолутно му се јасни одредбите во поглед на кривичната одговорност која ја имал“- пишува во обвинението.
