САМО ПОД ВЕДРО НЕБО - летово тешко дека ќе има свадби во затворени простории
Летово тешко дека ќе се дозволат свадби во затворени простории. Можно е тоа да биде забрането и во текот н целото лето. Властите засега не попуштаат. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека здравствените експерти се внимателни и сметаат дека ова лето нема простор за толкаво опуштање.
„Последната комуникација што ја имавме со членовите на Комисијата за заразни болести, тие велат дека тие се за тоа летово настани во затворени простории или масовни собири да не се одржуваат. Еве, ќе имаме состанок во понеделник па ќе дискутираме“, рече Филипче.
Угостителите пак бараат строги критериуми и правила за работа за во затворените делови на објектите. Стравуваат дека второ лето под клуч за нивниот бизнис ќе биде кобно. Категоризирани се само за свадбени прослави и немаат тераси или летни бавчи и сега велат дека се оставени на милост и немилост.
