САМО ОД ДДВ ЌЕ СОБЕРАТ МИЛИЈАРДА ЕВРА, ЗА СОЦИЈАЛА ЌЕ ДАДАТ НАД ДВЕ МИЛИЈАРДИ - скроен најтешкиот буџет, кој ќе ги троши парите идната година
Народните избраници ќе имаат многу работа во следните 20 дена. Треба да прочитаат 513 страници буџетско четиво, кое вчера доцна попладнето стигна во Собранието. Освен што е распослан на толку многу страници, Буџетот за 2022 година е и премногу тежок, дури 4,4 милијарди евра, или најголемиот буџет на земјава досега.
Од Собранието велат дека дополнително ќе известат кога Буџетот ќе се најде на матичната Комисија за финансирање и буџет, каде по десетдневната расправа, овој најзначаен економски акт на државата ќе оди на пленарна седница, каде што му се дадени пет дена за расправа.
Претстојниот период од 20 дена колку што им стои на располагање на пратениците за разгледување, тие ќе го искористат и за подготовка на бројни амандмани, што особено важи за опозициските народни избраници.
Овој Буџет е интересен и по тоа што Владата го подготвувала пред да има сознанија за тоа каков ќе биде исходот од локалните избори, на кои победа прогласи опозицијата, што, пак, предизвика оставка на премиерот Зоран Заев.
Тоа, пак, значи дека постои голема веројатност дека со ваквиот буџет ќе менаџира техничка влада, а според најавите на некои од политичките субјекти, ќе се случува и за време на евентуални предвремени парламентарни избори, после кој би го користеле оние кои ќе ја формираат новата влада, кои и политички субјекти тие да бидат.
Кој и да треба в година да управува со собирањето и трошењето на народните пари, факт е дека пред себе ќе има прилично амбициозна агенда. Да собере приходи од 3,88 милијарди евра, а со оглед што се планира да се потрошат дури 4,43 милијарди евра, тоа да се направи паметно и рационално, и плус да се обезбедат кредити за покривање на буџетскиот минус, но и за враќање на стари заеми, за што всушност се планирани неколку вида на обврзници.
Што велат клучните бројки на Буџетот за 2022 година?
Од даноци државата планира да собере повеќе од половина од парите, или 2,2 милјарди евра.
Она што паѓа во очи кога ќе се погледне приходната страна на буџетот, е тоа колку многу пари власта планира да инкасира од најиздашниот днок, а тоа е данокот на додадена вредност.
Или, за в година се планирани од ДДВ да се наплатат 1,012 милијарди евра, што е за прв пат приходите од овој данок да ја надминат психолошката граница од една милијарда евра.
Инаку, со годиншниов буџет било планирано ДДВ да изнесува 850 милиони евра, а со ребалансот тој износ се зголемил на 881 милиони евра, што е сепак за дури 140 милиони евра помалку од планот за наредната 2022 година.
ДДВ, како што е познато, е данок на потрошувачката, па се поставува прашањето што толку многу ќе се троши во следната година. Од Владата во буџетот не даваат конкретно образложение на што ги темелат ваквите оптимистички бројки за ДДВ-то, туку само нагласуваат дека во структурата на планираните даночни приходи најголемо учество има данокот на додадена вредност и тоа 45,6 отсто, додека на акцизите отпаѓаат 21,2 отсто. Велат и дека главната цел на даночната политика е обезбедување на одржлив економски раст и развој, притоа обезбедувајќи правна сигурност за даночните обврзници и редовна наплата на јавните приходи.
Од акцизи државата планира догодина да собере 468 милиони евра, а од персоналниот данок 342 милиони. Данокот на добивка ќе и донесе на државата 200 милиони евра, додека, пак, од царини ќе се инкасираат 146 милиони евра.
Од придонеси ќе се соберат 1,21 милијарди евра, и тоа 818 милиони евра од пензискиот и 341 милиони евра од здравствениот придонес.
Во Буџетот за 2022 година планирано е околу 312 милиони евра да се остварат од неданочни приходи (административни такси, концесии и други неданочни приходи) и 54 милиони евра од капитални приходи (по основ на продажба на земјоделско земјиште и општествени станови, како и по основ на планирана дивиденда од АД Македонски Телеком).
Кога станува збор за тоа како ќе ги троши парите, Владата си одобрила за себе расходи од 4,43 милијарди евра, што е за 59 милиони евра повеќе од ребалансираниот буџет за оваа година, и го прави Буџетот за 2022 убедливо најгломазен во историјата на земјава.
За тековни расходи ќе отидат дури 3,8 милијрди евра.
Во нив значаен дел заемаат трошоците за плати и надоместоци, дури 531 милиони евра или 18 милиони евра повеќе од ребалансираниот буџет за оваа година. Овој раст на сумата за плати се должи на зголемените плати за здравствените работници, судството, обвинителството, културата, кои се предвидуваат за следната година.
Владата ветува дека ќе ги контролира новите вработувања во администрацијата.
„Расходите за исплата на плати, кои се проектирани на ниво од 32,7 милијарди денари,
при што останува определбата за оптимизација на администрацијата преку контрола на
новите вработувања (во согласност со програмата на Владата и дефинираните
23
политики), како и подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување
на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи“, се вели во предлог буџетот.
Додека, пак, за стоки и услуги, Владата вели дека ќе биде штедлива, бидејќи има намера да потроши 336 милиони евра, што е намалување за 21 милион евра во однос на годинашниов буџет.
„Расходите за стоки и услуги се проектирани на ниво од 20,6 милијарди денари, односно намалени за околу 6 отсто или за 1,3 милијарди денари, како резултат на фискалната консолидација и сведување на минимум на оперативните трошења преку Буџетот. Притоа, во рамки на овој износ обезбедени се неопходните средства за здравствена заштита на населението, обезбедување на потребните средства за набавка на вакцини, како и исполнување на НАТО стандардите“, велат од Владата во предлог буџетот.
За субвенции и трансфери ќе одат 396 милиони евра, за блок дотации 319 милиони, а за трансфери до единиците на локалната самоуправа 363 милиони евра.
Огромна сума или близу половина од целиот буџет оди за социјалните трансфери. Оваа расходна ставка со буџетот за 2022 година ја надминува психолошката граница од две милијарди евра и ќе тежи 2,024 милијарди евра, што е зголемување за 30 милиони евра во однос на ребалансираниот буџет.
За пензии вгодина ќе се потрошат 1,05 милијарди евра, или 28 милиони евра повеќе од планот со буџетот за годинава.
За здравствена заштита, пак, ќе одат 586 милиони евра.
Она што е многу интересно, е владината амбиција за капитални инвестиции. Таа во 2022 планира во инфраструктура да вложи дури 615 милиони евра, или 130 милиони евра повеќе од сумата планирана со ребалансот за годинава, додека, пак, зголемувањето е 27 отсто во однос на планот за оваа година. Познато е колку слабо низ годините наназад се реализират капиталните инвестиции, а ништо подобра не е состојбата ниту оваа година.
Само за Коридорот 8 ќе одат 100 милиони евра, средства кои ќе ги добие компанијата "Бехтел Енка".
„Во текот на 2022 година се планираат: со буџетски средства во износ од 6 милијарди денари планирани се значајни инвестициони вложувања во областа на патната инфраструктура, поврзани со проектирање и изградба на дел од Коридор 8 планирањето, проектирањето, изградбата и употребата на Коридорот 8, Делницата: Тетово -Гостивар/проширување на автопат, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани и Букојчани-Кичево, како и Коридорот 10 д, делницата Прилеп – Битола. Дополнително, преку ЈПДП во делот на патна инфраструктура ќе се изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово – Призрен“, се вели во буџетот.
Планирани се и бројни други прокети, меѓу кои, да заврши реконструкцијата на железничката пруга на Коридор X финансирана со заем од ЕБОР, како и да продолжи реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга - Коридор VIII - делница Куманово - Бељаковце - Крива Паланка, исто финансирана од ЕБОР.
Буџтскиот минус ќе тежи над половина милијарда евра, или конкретно 545 милиони, а ќе се финансира од домашни извори, но и од различни видови обврзници.
За стапката на инфлација од Владата во буџетот не се потрудиле многу да објаснат како ќе амортиираат некаков ценовен удар. Излегуваат со планирана стапка на инфлација од 2,4 отсто, иако признаваат дека инфлацијата е зголемен ризик. Но, очекуваат и смирување во втората половина од идната година.
„Носењето на политики станува сѐ посложено, во услови на забавен раст на невработеноста и растечка инфлација. Дополнителни ризици предизвикува неизвесноста на пазарите на енергенси. Стапката на инфлација бележи поинтензивен раст, отсликувајќи го јазот помеѓу понудата и побарувачката, но и повисоките цени на примарните производи. Сепак, ценовните притисоци на глобално ниво се очекува да се намалат во текот на 2022 година.
Стапката на инфлацијата во 2022 година во земјава се очекува да се стабилизира и е проектирана на 2,4 отсто, при што ценовните притисоци како резулатат на неизвесноста поврзана со цените на енергијата и на дел од примарните прозводи на светските берзи се очекува да се релаксираат од вториот квартал од годината“, се вели во буџетот.
Од Влдата не се посветиле премногу ниту на енергетската криза со која се соочува светот и земјава. Се вели дека во енергетската инфраструктура, проекти кои се предвидени да се финансираат се проектите кои ги имплементираат ЕСМ и МЕПСО и тоа: Ветерен парк Богданци фаза 2, Топлификација на Битола, 400 kV интерконекција Македонија (Битола) – Албанија (Елбасан), Фотонапонска Електрана Осломеј, Ветерен парк Миравци, Проект за чистење на линдан (ОХИС), Проект Фотонапонски електрани Осломеј 2 и Фотонапонски електрани Битола.
Нина Нинеска-Фиданоскафото: freepik
