САМО НЕКОЛКУ ЗЕМЈИ СЕ ЗАД НАС: Македонија на дното во Европа со капацитети за туристи
Французите се лидери во Европа по бројот на сместувачки капацитети за туристи, а Македонија како мала земја е на дното на листата во однос на Европа, но и регионот, покажуваат податоците на Евростат.
Имаме шест до седум пати помалку капацитети од Романците и Бугарите.
Грците имаат над 1.3 милиони сместувачки капацитети, а Хрватите повеќе од 1.100.000 капацитети. Црногорците во 2017 година имале 43.061 сместувачки капацитет. Словенија имала 117.137 сместувачки капацитети во 2017 година.
Бугарија и Романија имаат над 300.000, а нашата земја имала 46.446 во 2017 година, и во 2018 година 48.247 сместувачки капацитети. Зад нас се Исланд и Малта кои имаат над 44.000 и Лихтенштајн со 2.459, додека за Србија и Турција нема податок. Луксембург, Естонија и Латвија на листата се пред Македонија

Крсте Блажески од ХОТАМ вели дека во Охрид и Струга има околу 7.500 хотелски сместувачки капацитети, и потенцира дека треба да се градат нови хотели, но претходно да се донесат детални урбанистички планови, со што 65 км од брегот на езерото ќе биде искористен.
„Во последниве години во Скопје се изградија повеќе нови хотели, но тоа не е случај со Охрид и се градат претежно мали хотели. Далеку сте од земјите во регионот и треба да се постави едно прашање што направи Бугарија, Романија, Албанија, другите земји, а што направивме ние во туризмот последните 20-30 години? Треба да се обрне внимание на тоа дека немаме детални урбанистички планови, тоа треба да се реши. Треба да се градат големи хотели во Охрид, затоа што не е исто ако се гради еден објект за одморалиште, по сосема други стандарди, потоа да се пренамени во хотел. Ако имаме повеќе хотели ќе можеме да примиме повеќе гости кои доаѓаат со чартер летови, преку тур оператори“, вели Блажески.

Франција има најголем број кревети во туристичките сместувачки капацитети aко се гледаат податоците од 2017 година (5,1 милиони или 16,1% од вкупниот дел на ЕУ), а потоа следат Италија (5 милиони или 15,9%), Велика Британија (3,9 милиони во 2016 година или 12,4%), Шпанија (3,6 милиони или 11,2%) и Германија (3,4 милиони или 10,6%).
Овие пет земји учествуваа со скоро две третини (66,4%) од вкупниот број на ЕУ.
Зад нив следат Холандија, Грција, Австрија, Хрватска и Шведска.
За периодот 2005-2017 година, бројот на ноќевања во туристички сместувачки капацитети во ЕУ се зголеми за 35%. Особено, имало значителен пораст на бројот на ноќевања од нерезиденти (+ 49%), додека бројот на ноќевања на жителите за време на домашните патувања е зголемен за 25%.
Сања Атанасовскафото Thinkstock
