Економија, финансии, бизнис

Контакт

Само небото е лимит! Која домашна банка има чист профит поголем од 40 милиони евра?

Само небото е лимит! Која домашна банка има чист профит поголем од 40 милиони евра?

Стопанска банка Скопје лани го зголеми кредитирањето за 114 милиони евра, а прибра 50 милиони евра нови заштеди и депозити кои сега изнесуваат 1,46 милијарди евра. Добивката е резултат на намалени резервации за лоши кредити во услови на одржување на високо ниво приходи од камати и раст на приходи од провизии, надоместоци и курсни разлики

„Стопанска банка Скопје“ оствари најголема добивка во корпоративната историја на македонското банкарство. Нето добивката за 2021 година надмина 40 милиони евра, покажуваат официјалните објавени финансиски резултати за работата на банката која најмногу кредитира население. Во споредба со лани профитот на „Стопанска банка Скопје“ е зголемен за 25 отсто. Одлични финансиски резултати за 2021 година постигнаа и НЛБ Банка и „Комерцијална банка“. Од бројките за нивниот успех лесно се заклучува дека на домашниот банкарски пазар има комотен простор за најголемите банки и дека воопшто пазарот има простор за раст.

Нето приходите од камати на оваа банка достигнаа 62,5 милиони евра што е за 2 милиони евра повеќе во услови на генерално намалени каматни стапки. Нето приходите од провизии и надоместоци на банката се зголемени за 1,5 милиони евра и лани достигнаа 13,5 милиони евра.Иако мали во структурата на приходи растат приходите од курсни разлики и останатите приходи.

За одличниот резултат на оваа банка „главен зачин“ е намалената вредност на резервациите за ризични кредитни пласмани. Тие за минатата година изнесуваат 12,5 милиони евра и се за 20 отсто пониски од 2020 година. Најголема расходна ставка се трошоците за вработените кои лани изнесуваат безмалку 15 милиони евра и бележат зголемување од околу 300.000 евра во однос на претходната година. Сите останати оперативни трошоци изнесуваат 13 милиони евра и се зголемени за 500.000 евра во однос на претходната година.

Кредитирањето е зголемено за неверојатни 114 милиони евра!

Билансот на состојба покажува дека кредитите за фирми, држава и граѓанство се зголемени за 114 милиони евра и достигнале 1,27 милијарди евра на крајот на 2021 година. За сметка на зголеменото кредитирање е намалено вложувањето во државни хартии од вредност на ниво од 200 милиони евра односно за 40 милиони евра.

Депозитите се зголемени за речиси 50 милиони евра до ниво од 1,46 милијарди евра.

Р. Ф.

Слично

Поврзани вести