Само најави: Македонија 4 години не успеа да пушти гас низ еден дел од примарниот гасовод
Цената на гасот би се наналила за 20 отсто откако Макеоднија ќе се поврзе со кракот од Грција преку земјава до Косово. Првиот човек на Регулаторна комисија за енергетика вели дека енергетската иднина е во поврзувањето со што се намалуваат и трошоците за набавка. Македонија ја изгради речиси целата примарна мрежа од гасоводот, ама тешко одат следните фази. Гасоводните цевки поставени, а со години не протече гас низ нив. Делот од гасоводот од Клечовце до Штип е готов од 2016 година, но и покрај најавите дека таму гас за фабриките во штипската зона ќе има наскоро, сега во 2020 година гас се уште не тече по тој гасовод. На почетокот на 2018 година, Фактор пишуваше дека властите најавуваат тоа да се случи пролетта таа година, но уште ништо.
„Во Бугарија по отворањето на Балкан хаб каде што има пристап на гас од Турција, но и на ЛНГ од Грција, цената на гасот се намали за 40 отсто. Податоците и анализите укажуваат дека секоја земја која гради инфраструктура и се поврзува со нови коридори, може да очекува пониска цена. Логично е тоа да се очекува и од гасното поврзување на Северна Македонија со Грција. Проценките се дека цената на гасот би се намалила за 20 отсто. Диверзификацијата на изворите од кои се снабдуваме со гас ќе ја зголемат понудата и цената ќе оди надолу. Кракот што го имаме со Грција е клучен затоа што ќе транзитира низ нашата земја и ќе оди и до Косово, вели Бислимоски.
Премиерот Заев неодамна го спомена приклучувањето на Македонија во изградбата на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција, како нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои и нашата земја. Откри дека се преговара со ОКТА за нов договор. „Не знаете дека преговараме исто со Окта за пуштање на нафтоводот внатре. Под кои околности, ќе се договориме. Сето тоа е еден сериозен енергетски потенцијал. По посетата во Грција, денеска имавме состаноци, изразуваме желба да учествуваме со акции во Александрополис, со терминалите, како држава зборувам, не само компаниите, рече Заев. Изјави дека Македонија ќе резервира гас за иднина затоа што е евтин енергенс, а можно е тоа да биде гас од САД, Азербејџан, Израел. Најави и дека Македонија може да учествува со 25 проценти во гасна централа. Изградбата на примарниот гасовод во земјава е при крај и останува да се доизградат уште триесетина километри од магистралните гасоводи Неготино – Битола и Скопје – Гостивар со крак за Тетово. Националниот гасоводен систем е долг 204 километри.
