САМО ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО БАРА 80 ВРАБОТУВАЊА, ПРЕДИЗБОРНО ВРИЕ ОД ОГЛАСИ - за ДКСК вака луѓето се држат во заложништво
Повеќе од 80 луѓе сака да прими на работа Фондот за здравствено осигурување на земјава.
Само во еден ден распишани се огласите за прем на сите овие луѓе, и тоа ни помалку ни повеќе, туку точно на 6 август, денот кога беа распишани локалните избори.
Распишани се поголем број огласи за вработување во СЗО, па на пример, едниот е за прием на 15 извршители, другиот за 39, третиот за 27 извршители, а има и огласи за поединечни вработувања.
Се бараат раководители, соработници, референти...
А ФЗО бара и директор на секторот за комуникаци и административна поддршка, кој ќе зема ни помалку ни повеќе, туку плата од 46.246 денари.
И другите референти, соработници и раководители ќе примаат плати меѓу 18 и 30 илјади денари.
Фондот за здравство не е единствениот кој предизборно распишува огласи за вработување.
И други институции имаат објавено јавни повици преку Агенцијата за администрација токму на 6 август.
Меѓу нив се Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, околу пет вработувања, потоа Бирото за метрологија, кое ќе прима шестмина извршители, потоа Министерството за економија кое ќе има најмалку пет вработувања.
Огласи имаат распишано и општини, јавни претпријатија, комунални и слично.
Антикорупционерите велат дека иако распишување на вакви огласи откако се распишани изборите не е забрането, оваа постапка не е во ред.
Институциите го заобиколуваат правилото за забрана за предизборни вработувања, изјави претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска на прес-конференцијата посветена на локалните избори, која се одржа во петокот.
Таа вели дека законот забранува предизборни вработувања, но таа забрана се заобиколува со објавувањето на огласите пред избори, а вработувањата се вршат по завршувањето на изборите.
„Со самото објавување ги ставаат во заложничка позиција оние кои што очекуваат да бидат вработени и тоа може да си го користат како класичен клиентелизам, односно како обезбедување на гласови. И тие замислете веќе некои се пријавиле и ги имаат нивните информации, кои се тие, кои се нивните семејства и тука има повеќе простор за големи сомнежи и тоа не е во духот на доброто управување“, вели Ивановска.
Таа им укажа на институциите од централната и локалната власт дека ќе треба да го почитуваат Изборниот законик за ограничување и забраните за вработување.
Според Катица Николовска од ДКСК, антикорупционерите примиле 60 барања од државни институции за мислења за вработување. Ова, како што вели таа, значи дека постои правна несигурност во однос на самите институции, па затоа бараат согласност од ДКСК.
Таа истакна дека ДКСК нема надлежност да дава мислења по овие предмети. Инаку, во делот на вработувањата, во најголем дел се барањата дали институциите сметат да вработуваат.
„Во делот на измените во Изборниот законик предвидено е дека вработувања може да се вршат само во дел на неодложни и итни случаи, освен за потребите на воспитно образовниот процес“, рече таа.
Н.Н.Ф.
