Само десет пензионери скијале бесплатно на Маврово
Околу 20-тина пензионери досега ја искористиле можноста бесплатно да се качат на жичарниците и ски лифтовите на Скијачкиот Центар Маврово. Само половина од нив се скијале, а останатите со ски картата само се возеле до врвот на ски патеката, објави тетовската телевизија Кисс.
Од Здружението на пензиониери Тетово ги поздравуваат одлуките на фирмите кои сакаат да помогнат, но велат дека претходно треба да се разгледа социјалната состојба во која се наоѓаат пензионерите и колку тие можат да ги користат овие бенефиции.
Велат дека и официјално ќе се обратат до Владата со барање и трошоците за бањското лекување наменето со пензионерите со пониски примања државата да го замени со еднократна парична помош. Во Македонија евидентирани се 285 000 пензионери од кои 110 000 според примањата се на работ на сиромаштија.
Претходно, Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија ја поздрави иницијативата на ски-центарот „Заре Лазаревски“ – Маврово за бесплатни карти за скијање за пензионерите, сметајќи дека е убава поволност која пензионерите што спортуваат со задоволство ќе ја искористат.
Ски-центарот ја понуди ваквата опција, во соработка со Министерството за образование и наука. Сите повозрасни од 65 години можат да добијат бесплатна карта за скијање, доколку се чувствуваат подготвени за овој спорт, а студентите добија попуст од 30% на ски-билетите.
Слично
