Само анекс-договорите за Скопје 2014 тежат 60 милиони евра?
Од СДСМ обвинуваат за сомнителни 60 милиони евра во анекси за Скопје 2014, а ВМРО ДПМНЕ враќаат дека се е направено во согласност со законот
Опозицијата на прес конференција денеска обвини дека при изградбата на комплексот „Карпошово востание“ само со анекс договори се потрошени милиони евра за кои јавноста не знае, а првично склучениот договор за изградба на комплексот од 5 милиона евра, со анекс на договор за непредвидени работи е поскапен за 1,5 милиони евра.
,,Дополнително, со истата фирма, „Бетон“ од Скопје, склучен е договор за партерно уредување на комплексот во висина од 850 илјади евра. Постапката за анексот на договорот е спроведена со преговарање, без објавување оглас, без меѓународна објава и без електронска аукција“, рече потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
Од опозицијата велат дека вакви примери има и кај Музејот на ВМРО каде со 21 анекс договор изградбата поскапела 10 милиони евра, кај Стариот театар за 30 милиони евра и за кај Уставен суд за 7 милиони евра или 60 милиони евра анекски само за Скопје 2014.
Од владејачката ВМРО ДПМНЕ пак враќаат дека ако СДСМ изградела барем еден објект ќе знаела дека при изградбата секогаш се појавуваат непредвидени работи во градбата, за кои креира анекс на договорот. Сите анекси се дополнети согласно Законот и зголемувањата се според предвидените максимални 30 проценти од износот на основната набавка, додаваат од партијата.
„Впрочем за проектот Скопје 2014 се произнесе и т.н. ревизорска комисија која ја создаде општина Центар која се користеше само со политички квалификации, наместо со прецизни правни факти. Тоа значи дека ниту СДСМ, ниту нивната т.н. ревизорска комисија, ниту тогаш, ниту сега не најдоа неправилности во сите проекти, затоа што целокупната постапка се водеше транспарентно и согласно со законите“, стои во реакцијата.
Слично
