Економија, финансии, бизнис

Контакт

Само 36.000 евра за промоција на Македонија како дестинација за инвестирање

Само 36.000 евра за промоција на Македонија како дестинација за инвестирање

Државата во 2020 потрошила само 36.000 евра за промоција на Македонија во странство како дестинација за инвестирање. Ова стои во потпрограмата за економски маркетинг, односно за други договорни услуги, во годишниот ивештај на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, каде за овие активности се реализирани одобрени 4.250.000 денари.

Во агенцијата работеле 50 административни службеници и 11 привремено вработени преку приватна агенција во 2020, главно на изработка на промотивни материјали и презентации, како и на ажурирање на податоците, рекламни кампањи и промотивни настани. Агенцијата помагала во вадењето на дозволи за инвеститорите и олеснување во комуникацијата со другите државни инвеститори., но се забележува дека било отежнато да се работи во година на пандемија кога дополнително земјата немала ниту свои промотори во странство.

„Дополнително, бројот на состаноци е намален, имајќи во предвид дека ангажманот на економските промотори во рамки на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот е завршен, а особено нивната улога како главен извор на контакти со компании со потенцијал за инвестирање“, се вели во извештајот на агенцијата за контактите со потенцијалните инвеститори.

Во Македонија во моментов има 75 странски директни инвестиции во зоните во Македонија.  Владата повеќе нема министри без ресор за привлекување на инвестиции од странство, а вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, вчера на потпишувањето на нов договор за нова инвестиција со германската компанија Дрекслмајер, рече дека земјата има поволна бизнис клима која поттикнува нови инвестиции и развој на компаниите. 

Подвлече дека од септември 2020 година потпишани се 48 договори за државна помош со компании кои аплицираа по Законот за финансиска поддршка на инвестиции, а дополнително ова е вкупно петти договор кој се потпишува за нова инвестиција на странска компанија во земјата (ВИК-втора фаза, Ипротекс, Пурпласт и Дрекслмајер и Магна) во овие 8 месеци. 

„Ова значи, дека од септември 2020, вкупно 53 инвестициски проекти, со поддршка на државата се во тек, со вкупна вредност од 95,7 милиони евра и отвораат околу 2.000 работни места за граѓаните. Денеска го потпишавме договорот за државна помош со компанијата Дрекселмаер за нов инвестициски циклус од 16 милиони евра и 1.000 нови работни места.  Инвестициите на Дрекслмајер, направени изминатите 9 години, но и оваа нова инвестиција, покажуваат дека компанијата ги препознава добрите бизнис услови во нашата земја и искрениот однос на Владата кон инвеститорите“, нагласи Битиќи.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изминатиот викенд ги престави првите четири избрани економски советници, кои ќе бидат упатени во рамките на нашите амбасади за да ги предводат и имплементираат економските политики во секоја земја и регион посебно.

Како што соопшти МНР, во првиот дел од пилот проектот, се испраѓаат амбасадорот Илија Псалтиров во Варшава, Абдилџемил Саити во Германија, Сузана Тунева, магистер по меѓународни економски односи, ќе биде испратена во амбасадата во Анкара, и Бекри Ајдини, магистер по меѓународна економија, ќе биде упатен во амбасадата во Абу Даби.

- По 2010 следува направена е суштинска промена на извозната структура преку гринфилд-инвестициите. Тоа е резултат и на тоа што имавме промотори. Но имаше слабости на тој систем, што сега сакаме да ги коригираме. Комбинација од дипломатско искуство и економско знаење фалеше во претходниот период . Претходно беше некоординирано испраќањето само од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, рече Османи.

Четворицата ќе работат како посебни економски советници и физички ќе бидат сместени во амбасадите. Османи најави наскоро и економски советници во Светската трговска организација во Женева и во организацијата за земјоделство ФАО.

Претходниот вицепремиер Кочо Анѓушев, по укинувањето на економските промотори во 2017, во 2019 најави економски аташеа, но потоа Владата се откажа од оваа идеја.

А.К.



Слично

Поврзани вести