Економија, финансии, бизнис

Контакт

Само 175 мерки до сега во Скопје за непочитување на протоколите

Само 175 мерки до сега во Скопје за непочитување на протоколите

Од 13.175 контроли на подрачјата кои Владата ги одреди како кризни досега во изминатите два месеци се утврдени 368 неправилности поврзани со непочитување на протоколите за справување на коронавирусот. Владата нареди да се интензивираат инспекциските контроли откако започна одобрувањето на протоколите за разните дејности од почетокот на јуни.

Станува збор за неправилности утврдени на територијата на Скопје, Куманово, Штип, Тетово, Липково, Карбинци, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, како кризни подрачја лоцирани од страна на Владата и Главниот координативен кризен штаб.

Во последните два месеци Државниот пазарен инспекторат, трудовиот и транспортниот, како и здравственосанитарниот, заедно со Агенцијата за лекови и медицински средства, како и онаа за храна и ветеринарство беа задолжени да ги интензивираат контролите на овие подрачја.

На територијата на Скопје до 13 август се направени од овие шест инспекторати 10.489 надзори во врска со запазувањето на протоколите, при што утврдени се само 175 неправилности, иако според податоците кои ги добивме од Инспекцискиот совет не е познато во каква форма се истите, односно дали станува збор за опомени, казни или пријави и за какви дејности конкретно.

Во другите места има многу помал број на контроли, но пропорционално далеку повеќе изречени мерки во однос на Скопје. Така, во Куманово од 815 контроли забележани се 29 неправилности, од 757 во Тетово до сега има 60, во Штип од 572 надзори инспекторите имаат евидентирано 32 мерки. Мерки се превземени и во преостанатите помали населени места, па така во Теарце се 15, Боговиње 13, а следуваат Желино со 12, Липково со 11, Карбинци 8, Јегуновце 7 и Брвеница со 6.

Владата на 9 јуни ги задолжи Инспекцискиот совет и сите надлежни инспекциски служби да подготват одделни Акциски планови за зајакнати и интензивирани контроли со цел почитување н одлуките, мерките, препораките и протоколите во функција на спречување на ширење на коронавирусот.

А.К.

Слично

Поврзани вести