Само 1.200 земјоделци ги осигурале посевите, Владата повикува да се искористи државната поддршка
Земјоделците да ја искористат државната поддршка за осигурување на посевите, апелира Владата.
Сумата за оваа намена, како што соопшти денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, е двојно зголемена од 17 милиони денари лани на 35 милиони годинава.
„Целта е парите да отидат во вистински раце. Ако е неопходно проектираната сума ќе ја зголемиме“, истакна Ѓорѓиев.
Со поддршката Владата овозможува покривање на 60% од вкупните средства за осигурителните полиси.
Иако бројот на земјоделци што ги осигуруваат обработливите површини се зголемува, се уште, според Ѓорѓиев, не е задоволителен.
Постапката за аплицирање е многу едноставно, се сведува на само три чекори.
- Земјоделецот поднесува барање до Подрачната единица на ресорното Министерство врз основа на што добива потврда за пријавени производни капацитети. Ја доставува потврдата до осигурителната компанија што ја бира по сопствена желба и со неа склучува полиса. Земјоделецот се задолжува со 40 отсто од вредноста на полисата, а за останатите 60 проценти се задолжува Агенцијата, објасни владиниот портпарол.
За добивање на средствата нема посебни услови, важат истите оние како и за субвенциите.
„Владата помага и ќе продолжи тоа да го прави, но многу е важно производителите да ги осигуруваат посевите. Само во тој случај, при каква било непогода, осигурителната компанија го намирува целиот трошок од евентуалните штети“, потенцира Ѓорѓиев.
За да им се излезе во пресрет на оние кои најмногу имаат потреба од помош, мерката ги таргетира земјоделците кои имаат до 5 хектари лозови и овошни насади, до 2 хектара градинарски култури, до 1 хектар тутун, до 10 хектари житни култури и до 100 пчелни семејства.
„Се што е над овие површини, не е покриено со мерката. Сметаме дека земјоделец кој поседува поголеми површини, финансиски е подготвен да ги покрие и трошоците за осигурувањето. Поддршката е наменета за оние кои трпат најголеми загуби при елементарните непогоди и кои претежно со површините што ги имаат ја обезбедуваат личната и егзистенцијата на семејството“, нагласи Ѓорѓиев.
Изнесувајќи неколку примери, владиниот портпарол посочи дека за осигурани 1 хектар праски и 20.000 килограми принос, со цена на производот 20 денари за килограм и вредност на производството 400.000 денари, премиската стапка е 7 отсто, додека вредноста на полисата 28.000 денари. Земјоделецот во ваков случај треба да покрие 11.200 денари, додека државата 16.800.
Во 2008 година само 300 земјоделци ги осигурале посевите, а во 2012 тоа го сториле 1.200.
