Економија, финансии, бизнис

Контакт

Сами ќе бираме од каде да купиме најевтина струја - преку алатката Switch.mk

Сами ќе бираме од каде да купиме најевтина струја - преку алатката Switch.mk

Потрошувачите сами ќе можат да го избираат најевтиниот снабдувач на струја, преку специјална алатка. 

Регулаторната комисија за енергетика вчера ја промовираше првата веб-платформа за споредба на цени на македонскиот пазар на мало со електрична енергија, Switch.mk.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, рече дека Северна Македонија е првата држава во рамки на Енергетската заедница која воведува ваква функционална алатка. Тој посочи дека обврската за овозможување на ваков вид на веб-базирани алатки наменети за потрошувачите е наведена во новиот пакет на ЕУ легислатива за електрична енергија, усвоен во мај оваа година.

„Switch.mk е наменета пред сé за малите потрошувачи и домаќинствата и има за цел да им помогне при нивниот избор на снабдувач со електрична енергија. Веб-платформата е достапна на три јазици, македонски, албански и англиски јазик. Тука потрошувачите може да направат споредба на достапните понуди од страна на активните снабдувачи на пазарот на мало со електрична енергија, односно да добијат јасни, сеопфатни и ажурирани информации за цените на електрична енергија, периодот на траење на договорот за снабдување, фактурирањето, како и другите услуги поврзани со снабдувањето со електрична енергија“, појасни Бислимоски.

Според него, платформата нуди и други корисни информации за потрошувачите, со цел подобро разбирање на тоа како функционира пазарот на електрична енергија, кои се нивните права и обврски, како да се заштеди енергија и др.

Бислимоски истакна дека снабдувачот не може да склучи договор со потрошувачот по цена и под услови понеповолни од објавените на платформата.

Платформата овозможува прикажување индикативна крајна цена за електрична енергија од секој снабдувач и за секоја објавена понуда, а во прикажаната индикативна крајна цена за електрична енергија, заради поедноставување на пресметката, не е вклучен надоместокот за јавно осветлување утврден со закон.

Од моментално објавените понуди за оваа категорија на потрошувачи може да се забележи дека разликата од најниската до највисоката понуда е дури 28 отсто, што, како што рече Бислимоски, укажува дека постои значителен потенцијал за заштеда на средства за компаниите, кои може да ги пренаменат за други развојни потребни на својот бизнис, за отворање на нови работни места, за зголемена ефикасност и конкурентност.


Слично

Поврзани вести