Самарас слета во Вашингтон-проблемот со името тема на разговорот со Обама
Премиерот на Грција Андонис Самарас вчера ја почна посетата на СAД. Според најавите грчкиот премиер се очекува денес да отпатува во Њујорк, каде ќе го помине најголемиот дел од посетата и каде ќе има средби со грчката бизнис заедница. Во четврток пак Самарас ќе се врати во Вашингтон, првин на пладневна средба со државниот секретар Џон Кери, за потоа рано попладне да се сретне и со претседателот Барак Обама во Белата куќа.
Според грчките медиуми во САД, информирани од амбасадата на Грција, Самарас ќе се обиде надворешно-политичките прашања како статусот на Кипар и спорот за името со Македонија да ги расправа на ручекот со Кери. Ова со цел да може на средбата со Обама да се фокусира на прашањата кои се од негов интерес – продолжувањето на американската поддршка за натамошното финансирање на грчкиот буџет преку Меѓународниот монетарен фонд и барање да се ублажат условите со кои Грција е соочена, пред се отпуштањето на илјадниците вработени во државната администрација. Самарас во Вашингтон ќе се сретне само уште со уредничкиот колегиум на весникот Вашингтон пост, по што ќе се врати во Њујорк, каде во петокот треба да се сретне со генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки-мун. Засега нема потврда дали на оваа средба ќе присуствува и посредникот во спорот за името амбасадорот Метју Нимиц, но се очекува спорот за името да биде една од главните теми.
- Во споредба со односите со Белата куќа на Буш, има една значајна промена на тонот, а тоа е дека администрацијата на Обама ја поддржува позицијата на Атина по дека поранешната југословенска Република Македонија не може да влезе во НАТО без решение на спорот за името. Секретарот Кери агресивно турка за постигнување на мир на Блискиот Исток, а во неговиот Стејт департмент гледаат прозорец за обединување на Кипар. Можеби би сакал да помогне да се реши уште едно одамна отворено прашање на името на Македонија, пишува Енди Земенидес, директор на Хеленскиот американски лидерски совет, грчка организација која го поддржува Обама.
Како и Македонија, и Турција бара интензивирање на разговорите за статусот на островот Кипар, нешто што кипарските Грци го одбиваат. Се очекува за време на средбите во Вашингтон, американските власти да побараат информации од Самарас како Грција ќе се постави во првата половина на 2014 година, кога ќе претседава со Европската Унија, по балканските интеграции, но и по прашањето на вклучувањето на Турција во амбициозниот проект за создавање на слободна трговска зона меѓу САД и ЕУ, нешто за што турските власти се особено заинтересирани иако не се членка на ЕУ поради блокадите на Кипар и поголемите европски држави.
Се очекува дека Самарас во Вашингтон ќе го претстави реткиот најавен инвестициски успех, градењето на гасовод за азербејџанскиот гас од Турција, преку Грција и Албанија, под Јадранско Море, до Италија. Проектот ТАП, сепак се комплицира поради неможноста на Грција да постигне договор со Албанија за прашањето на нивната граница.
