Економија, финансии, бизнис

Контакт

Самарас се соочува со нови услови кои му ги наметна тројката

Самарас се соочува со нови услови кои му ги наметна тројката

Конечните ставови и клучните прашања ги осмислуваат претставниците на тројката кредитори (ЕУ, ЕЦБ и ММФ) за кои се уште не се знае точно кога ќе се вратат во Атина. Тие бараат решение за многу проблеми, како што е дупката во буџетот, која стана проблем во преговорите за отпуштањето на следната транша од заемот за Грција, коментираат грчките весници.

„Кредиторите ги острат забите“, пишува весникот „Етнос“ и прецизира дека грчката страна успеала да го спречи претставникот на ММФ Пол Томсен и останатите од тројката да се вратат на 16 јануари. Оваа информација не е потврдена од ММФ.

Весникот „Имерисија“ појаснува дека враќањето на тројката, кога и да се случи, ќе биде четврто по ред без да постигнат напредок во водените досега преговори за отворените прашања. Разликите меѓу Атина и „тројката“ се сериозни и двете страни цврсто се држат на своите позиции, наведува весникот.

Во Вашингтон имало стравување дека Атина се обидела да се оттргне од „тројката“ и оти дејствува како „скок во празно“.

Според извори надвор од ММФ, дупката во буџетот на Грција претставува проблем за Европа, а не за ММФ. Но, весникот „Та Неа“ истакнува дека компензирањето на таа дупка е услов побаран од ММФ за исплата на следната транша. ММФ ја уверил Атина дека Управниот совет на Фондот нема да биде свикан за да се произнесе за прашањето за траншата во вредност од 5,4 милијарди евра, доколку не биде решено ова прашање.

Дупката во буџетот во Грција за 2014 се очекува да изнесува од 4,5 до 5 милијарди евра, а вкупно за следните две години, 2014 и 2015, се претпоставува дека таа сума ќе достигне 14 милијарди евра.

„Катимерини“ пишува дека Европејците презеле ангажман да ја покријат оваа дупка под услов Грција да ги исполни ветувањата. Грчката страна е убедена дека спроведува стриктно закрепнувачка програма, додека ММФ и Брисел се жалат дека со реализацијата се тапка во место.

Европски извори оценуваат дека кога преговорите со тројката одново ќе почнат тие ќе бидат многу тешки бидејќи има сериозни несогласувања меѓу кабинетот во Атина и кредиторите.

Слично

Поврзани вести