Економија, финансии, бизнис

Контакт

Самарас му одговори на Груевски, треба политичка волја за решавање на името

Самарас му одговори на Груевски, треба политичка волја за решавање на името
Грчкиот премиер Андонис Самарас го одби предлогот на македонскиот колега Никола Груевски за директни средби на највисоко ниво и интензивирање на разговорите за спорот со името. Во писмото, кое што вчера стигна како одговор, а дури вечерва го објавија дел од грчките медиуми, Самарас пишува дека нема потреба од средби, бидејќи Грција не ги блокира евроинтеграциите, туку Унијата не и дозволува на напредок на Македонија. Според грчкиот премиер, предлогот на Груевски да се формираат две нови преговарачки групи со политички мандат, не нудат „дополнителна вредност“ на постоечкиот процес. „Доколку двете инволвирани страни ја имаа покажано истата политичка волја, истата политичка храброст и истата желба за решение тогаш овој проблем ќе беше до сега решен. Но, суштината најверојатно е на друго место. Прашањето што треба да се одговори е дали постои вистинска или маскирана посветеност кон процесот што трае речиси 2 децении.  18 години господине Премиере, е многу долг период за некој да ги припише каприците на само една земја, според описот кој вие го давате на овој проблем“, пишува Самарас до Груевски. Грчкиот премиер вели дека Атина е конструктивна и покажала политичка храброст. На писмото реагираше Министерството за надворешни работи, од каде велат дека Самарас не покажува расположение за дијалог и  надминувањето на спорот, а вината за блокирањето на Македонија ја префрла на сметка на Европската унија.
„Целосно сме насочени кон надминување на сите можни несогласувања, вклучително и овој вештачи наметнат спор. Токму затоа поведовме и иницијатива за дијалог на највисоко ниво и желба за решавање на проблеми. Тоа подразбиа целосна посветеност и желба за евроинтеграција на регионот. Самарас на ваков начин не потврдува дека го посакува истото", стои во реакцијата на МНР. Реагираше и опозициската СДСМ. Оттаму велат дека останува неконструктивноста на Грција во спорот со Македонија. Тие побараа за непринципиелноста на грчката страна и злоупотреба на позицијата на членство во ЕУ и НАТО, да бидат запознаени меѓународната заедница и инволвираните во обидите за изнаоѓање решение.

„СДСМ инсистира македонскиот државен врв итно да ги повика на средба сите релевантни политички субјекти во Република Македонија. Да ги презентира информациите во каква фаза се преговорите и да ги запознае со позициите на македонската страна во спорот со Грција. Никој, па ниту премиерот Груевски, претседателот Иванов и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нема право на ексклузивно авторство и на затвореност по ова прашање од суштинско значење за земјата“, стои во соопштението.

Слично

Поврзани вести