Самак најавува нова странска инвестиција во Велес, ќе биде ли во туланата?
Министерот без ресор, задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак го посети Велес за да се запознае со потенцијалните инвестициски можности што ги нуди градот. Според Самак, преговори со нови странски инвеститори има, но конечна одлука - се уште не.
„Од оние странски инвеститори кои немаат донесено одлука имаме повеќе такви проекти и нормално секогаш е важно да сте подготвени на терен пред да дојдат. Колку од нив ќе успееме да убедиме да дојдат тоа е друго прашање“, вели Самак.
Покрај индустриските зони во Велес, на странските инвеститори Владата им ги нуди и некогашните фабрики, чии погони сега се празни.
Германската компанија Маркардт пред неколку дена ја купи парцелата во индустриската зона Караслари, близу Велес. За 100 000 квадратни метри тие платија 125 илјади евра, а градбата на фабриката во која ќе се вработат 600 велешани треба да започне напролет.
Во меѓувреме, неделава треба да биде распишан тендер за продажба и на велешката фабрика за производство на тули „Киро Ќучук“. Се продаваат производствените погони, машините, транспортните средства, градежните објекти и хали на фабриката.
На тендерот ќе се бара инвеститорот да ја задржи сегашната дејност, но без обврски кон вработените. Почетната цена за фабриката во стечај е 3,65 милиони евра. „Киро Ќучук“ вкупно должи околу 10 милиони евра, а најголем долг има за неисплатени даноци кон Управата за јавни приходи. Од парите од продажбата на објектот ќе бидат подмирени доверителите.
Фото: МРТ
Слично
