Сали Бериша e персона нон грата во САД
САД го прогласи за персона нон грата поранешниот албански претседател и екс премиер Сали Бериша. Ова важи и за неговото семејство.
Во долгата реакција на Фејсбук, со која директно му се обраќа на државниот секретар Антони Блинкен, Бериша вели дека за оваа одлука е информиран од медиумите и додава дека во текот на 30 години во политиката немало обвинение против него, од кое било лице, ниту од некоја локална или странска институција за злоупотреба на средства и каков било друг облик на корупција.
Вели дека членовите на неговото семејство никогаш немале корист од јавни фондови и средства и никогаш не биле обвинети од албанското или правосудството на која било друга земја.
Бериша го повика државниот секретар Антони Бликен да ги објави јавно сите факти и документи со кои располага американската администрација или кој било во светот за да го аргументираат своето тврдење пред самиот поранешен премиер и неговото семејство.
Како што соопшти Бликен, причината за тоа е што САД официјално го сметаат поранешниот албански претседател и неговото семејство за корумпирани.
На официјалната страна на Стејт Департментот исто така е објавено соопштение кое Бликен го потпишал во кое се наведува дека Бериша како премиер на Албанија бил „вмешан“ во злоупотреба на јавните средства, како и дека влијаел на јавните процеси вклучувајќи моќ во сопствена корист и збогатување на своите политички сојузници и членови на семејството, на штета на довербата на албанската јавност во нивните владини институции и јавни службеници.
