Економија, финансии, бизнис

Контакт

САКАТЕ ДА СЕ ПРЕКВАЛИФИКУВАТЕ, НО ИМАТЕ ДИЛЕМИ: Како да го направите вистинскиот избор?

САКАТЕ ДА СЕ ПРЕКВАЛИФИКУВАТЕ, НО ИМАТЕ ДИЛЕМИ: Како да го направите вистинскиот избор?

Луѓето кои сакаат да се преквалификуваат, треба добро да размислат што сакаат да работат во иднина, да го истражат пазарот, да размислат за своите афинитети, да планираат каде би работеле откако ќе стекнат нови знаења.

Треба да направат избор врз основа на реални и добри проценки, а не водени од моменталните желби.

„Преквалификацијата е важна одлука и добро е изборот да се направи промислено, а не само според моментална желба. Првиот чекор што треба да се направи е самопроценка, да размисли за: своите интереси за тоа што го/ја привлекува и што би работел/а со задоволство. Потоа добро да размисли за  способностите кои ги поседува и да си го постави прашањето: Во што сум добар/а? (комуникација, организација, техника, работа со луѓе, креативност). Секако дека од големо значење се и интересите на поединецот, да знае што е тоа што го/ја привлекува и секако што му е важно на новото работно место на кои вредности им дава приоритет (дали е важна стабилноста, заработката, креативноста, работа со луѓе. Исто така од голема важност е да се направи анализа на пазарот на трудот и притоа да се провери, истражи: кои професии се барани, кои професии нудат можност за напредување и секако според мене најважното, дали има реални можности за вработување по преквалификацијата. Добриот избор за преквалификација е оној што ги спојува личните интереси, способностите, потребите на пазарот на труд“, вели кариерниот советник, Ленче Томова.

Додава дека одлуката за тоа која професија да се избере за преквалификација најдобро се носи ако се следат неколку важни чекори.

„Тие му помагаат на човекот да направи реален и промислен избор, а не избор само од моментална желба. Како што спомнав и претходно, ако некој сака да се преквалификува, најпрво треба да размисли за себе: Што сакам да работам? Во што сум добар/добра? Каков тип работа ми одговара? Пред да се избере професија треба да се провери: колку трае обуката, дали има практична работа, дали сертификатот е признаен, дали постои можност за работа по завршување. Од голема важност е и разговор со луѓе од таа професија, луѓе што веќе ја работат таа работа, да се информира и дознае како изгледа еден работен ден, кои се предностите и предизвиците. Најдобар избор е професија која ги спојува интересите, способностите и можностите за вработување. Професијата треба да се совпадне со природните способности“, рече Томова.

Кариерниот советник вели дека е многу важно поединецот да размисли и за двете работи – и за своите афинитети, но и за тоа каде реално би можел да работи, затоа што само едното не е доволно.

„Кога станува збор за можностите за работа исто така треба добро да се размисли: дали има работни места за таа професија, каде би можел/а да се вработи и дали таа професија е барана на пазарот на трудот. Многу важен чекор пред некој да се одлучи за преквалификација. Потребно е човекот да се распраша и да собере информации за тоа каде би можел да го примени стекнатото знаење. Може да разговара со: луѓе што веќе ја работат таа професија, пријатели, познаници или колеги работодавачи или фирми од таа област. На интернет може да се види: дали има огласи за работа за таа професија, какви квалификации се бараат, дали има курсеви и обуки. Добро е да се провери: дали во општината има фирми или институции каде што би можел да работи, дали има потреба од таков кадар, дали постојат можности за пракса или обука. Со вакво истражување човекот ќе добие реална слика: каде може да се вработи, дали професијата е побарувана, дали стекнатото знаење ќе може практично да го примени. Затоа, пред избор на преквалификација е добро темелно да се информира и да ја поврзе својата желба со реалните можности за работа“, наведува Томова.

Државата нуди одредени можности за преквалификации, но и луѓето на своја иницијатива можат да посетуваат курсеви, обуки, да се преквалификуваат. Се преквалификуваат млади, но и луѓе на возраст над 40 години. Инаку, луѓето кои држат курсеви, обуки советуваат дека кандидатот кој ќе се реши за преквалификација, треба да биде навистина посветен и да знае дека тоа е процес кој ќе бара постојано совладување на нови знаења и следење на трендовите во струката.  Според Европскиот центар за развој, во јужна Европа и во нордиските земји, луѓето најмногу се преквалификуваат. Шведска, Финска и Данска постојано покажуваат највисоки стапки на учество во образованието за возрасни и доживотното учење. И нашиот јужен сосед се вбројува во оваа група, како и Италија, Романија, Малта, Португалија, Шпанија.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести