Економија, финансии, бизнис

Контакт

САКАТЕ ДА ЈА РЕНОВИРАТЕ БАЊАТА: Koлку пари ќе треба да одвоите?

САКАТЕ ДА ЈА РЕНОВИРАТЕ БАЊАТА: Koлку пари ќе треба да одвоите?

Граѓаните кои сакаат да ја реновираат бањата, треба да си планираат дека ќе потрошат најмалку 1.000 евра за таа намена. Плочкарите велат дека цените варираат, односно квадрат може да чини од 12 до 17 евра. Разлики во цената може да има од град до град, но и зависно од толку колку е тешко да се реновира конкретна бања, од квадратурата,  од квалитетот на работната рака и слично. Нашите соговорници објаснуваат дека луѓето најчесто трошат до 1.300 евра за реновирање на бања.

„За бањата ако некој сака да ја реновира, во Битола 15 евра чини квадрат. За работна рака за една просечна бања ќе платат околу 20.000 денари, и плус лепило, хидроизолација, плочки кои ги има по различни цени. Над 30.000 денари би било најевтино. Сосе елементите внатре ако ги менуваат, санитарија, трошокот ќе биде до 1.000 евра. Повеќето луѓе што сакаат да реновираат, имаат пари и купуваат плочки по 700-800 денари или 1.000 денари по квадрат. Некој штеди, но повеќето не го прават тоа. Сепак треба да се гледа квалитет за плочките.  Има српски, бугарски, турски плочки. Инаку, турските се добри, а има и кинески и индиски убави плочки. Би требало да не штедат за плочки, да купат квалитетни и да ги користат подолго, но и да си најдат добри мајстори. Плочките може да бидат прва класа, но ако мајсторот не ја познава работата, нема да го постигнат посакуваниот ефект. Има и бањи со мала површина, 1 метар на 3 метри, а најчесто се со димензии 2 на 2 метри и тоа е солидно. Кога ќе почнат да паѓаат плочките, можеби поминале 20 години и тоа е знак дека треба да се реновира“, вели Милош Божиновски, плочкар.

Друг плочкар од главниот град додава дека ретко се случува некој да инвестира поголема сума за реновирање на бања и да бара нешто поспецифично и луксузно. Кажа дека луѓето за работна рака и материјал најчесто трошат по 1.300 или 1.500 евра.

„Да се спреми бањата за реновирање, да се направи тоа сосе материјал,  стандард бања во просек чини околу 1.300 евра, зборуваме за работна рака и на газдата останува да купи плочки. Квадрат чини од 12 па нагоре. Зависи во каква состојба е бањата, квадрат може да биде и 15 и 17 евра. Сѐ зависи што бараат луѓето, но се знае дека поедноставното е поевтино“, рече плочкар од Скопје.

За споредба, српските медиуми минатиот месец пишуваа дека за целосно реновирање на бања се потребни 400.000 динари, односно 200.000 денари. Тоа вклучува отстранување на старите плочки, депонирањето на шутот, ѕидарски, водоинсталатерски, керамички услуги, но и монтирање на санитарија.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести