САКАТЕ ДА БИДЕТЕ ВОДИЧ, А ЖИВЕЕТЕ ВО ГРАД КАДЕ НЕМА РАЗВИЕН ТУРИЗАМ: Што понатаму?
Во некои македонски градови има развиен туризам, но во другите тоа не е случај и тука останува дилемата, што со младите луѓе кои имаат желба да бидат водичи, дали треба да го следат својот сон или да се откажат.
Лиде Стојановска, туристички водич од Кратово вели дека патот не е лесен во секој случај и треба време и контакти додека еден млад човек да се пробие на пазарот и да има повеќе тури. Во градовите каде туристи ретко доаѓаат, водичот тешко би нашол ангажман. Но, останува опцијата дека може да патува во друг град или пак ако се случи преселба, ќе може практично да го искористи знаењето и да работи како водич.
„Често се поставува прашањето: Дали вреди некој да стане туристички водич ако живее во град каде што туризмот не е многу развиен? Реалноста е дека тоа не е лесен пат. Во Македонија туризмот е концентриран во неколку градови, пред сè Скопје и Охрид, па веројатно таму има и најголем број туристички водичи. Во помалите градови тури има значително поретко, што значи дека можностите за работа се ограничени. Од друга страна, туристичкиот водич не мора секогаш да работи само во градот каде што живее. Јас доаѓам од Кратово, град со огромен туристички потенцијал, но кој сè уште не е доволно искористен. Тоа е навистина штета. Поради тоа, најголем дел од моите тури се во Скопје и Охрид, а многу помалку во Кратово. Тоа е реалноста на терен. Секако дека на мене многу полесно ќе ми беше доколку имав доволно тури во Кратово и немаше да морам да патувам од една до друга дестинација, понекогаш и во истиот ден. Во мојот случај веројатно помага и тоа што зборувам повеќе јазици – англиски, шпански и француски – што отвора повеќе можности за работа со различни групи туристи. Но, треба да се каже и нешто друго: дури и ако некој доаѓа од град каде што туризмот е многу поразвиен, тоа не е гаранција дека ќе има доволно тури. Конкуренцијата е голема, а пробивањето на пазарот бара време, контакти и многу трпение“, објаснува Стојановска.
Покрај тоа, Стојановска вели дека професијата има и други проблеми. Во Македонија таа сè уште не е доволно регулирана.
„Туристичките водичи најчесто работат со договор на дело, при што агенциите плаќаат персонален данок, а ние немаме никаков стаж ниту здравствена заштита од тоа. Ние како водичи немаме можност сами да си плаќаме придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Многумина формално се водат како невработени или се снаоѓаат работејќи и друга работа. Јас сум водич веќе 14 години, но дури од 2019 година почнав да имам повеќе тури и да можам најмногу да се посветам на туризмот и тоа го направив дури во 2022 година. Пред тоа работев и други работи паралелно, не само како водич. Несигурноста дали ќе има или нема доволно тури во сезона нѐ мачи секогаш. Сепак, животот носи промени. Луѓето се селат, околностите се менуваат, а и туризмот може да се развие на места каде што денес не е доволно присутен. Секогаш се трудам да ги промовирам и помалку посетуваните дестинации во Македонија. Понекогаш можностите доаѓаат подоцна отколку што очекуваме. Затоа одговорот не е едноставен. Да се стане туристички водич во град без развиен туризам не е лесна одлука и не гарантира сигурна работа. Но, за оние што навистина ја сакаат оваа професија, понекогаш вреди барем да се обидат – со свесност за предизвиците што ги носи“, додава Стојановска.
Во Македонија над 1.400 лица се стекнале со лиценца за туристички водич, но има луѓе што во меѓувреме се пензионирале, некои се иселиле, дел се вработиле, односно активни се од 600 до 700 водичи. Најголем број водичи има во Скопје и во Охрид.
Сања Атанасовска