Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Сахара груп“ и официјално ја презеде „Џумајлија“

„Сахара груп“ и официјално ја презеде „Џумајлија“
Cо индиски и православни обичаи за бериќетна работа, индиската компанија „Сахара Груп“, денеска и официјално ја започна реализацијата на проектот за реорганизација на агрокомбинатот „Џумајлија“, инвестиција вредна над 200 милиони евра. Во следните три години планирано е „Сахара Груп“ да изгради регионален млекопреработувачки капацитет со фабрика за добиточна храна и млекарница со фарма од 20.000 грла говеда во која ќе се произведуваат 80.000 литри млеко дневно. За еден месец ќе започне изградбата на објектите за сместување на добитокот, а за една година се очекува да биде пласирано првото млеко од оваа млекарница на македонскиот пазар. Инвестицијата на „Сахара Груп“ ќе обезбеди вработување на околу 2.000 лица, а според надлежните, со овој проект ќе се задоволат потребите на домашниот пазар со млеко и млечни производи и сточна храна. - Проектот на „Сахара Груп“ за инвестирање во македонското земјоделство и посебно во млекопроизводството од денес станува реалност. Тоа е најголемиот проект, најголемата инвестиција во македонското земјоделство во последните 25 години. Оваа инвестиција на „Сахара Груп“ во Овчеполието ќе претставува препород за регионите на Лозово, Свети Николе, на целото Овчеполие - истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески. Според него, оваа инвестиција освен средства ќе донесе и знаење кое е потребно за подигнување на конкурентноста на македонското земјоделство. - Спојот на плодната македонска земја и квалитетот на производството што го нуди Индија во делот на земјоделството ќе придонесе македонските земјоделски производи да имаат поголема конкурентност и приносите да бидат поголеми за околу 30 проценти во однос на сегашните, како и да се произведува квалитетно млеко кое ќе биде нов извозен производ за Република Македонија - рече Ставрески. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски оцени дека проектот претставува потврда на заложбите на Владата во обезбедувањето услови за влез на странскиот капитал и сериозно инвестирање во регионите каде што тоа е најпотребно. Генералниот менаџер на „Сахара Груп“ А. П. Сина рече дека имаат капацитет да го реализираат проектот и да ги исполнат ветувањата дадени пред македонските граѓани и пред Владата. „Сахара Груп“ го доби земјоделското земјиште во пропаднатиот агрокомбинат на концесија од 15 години со можност за продолжување, а закупот што треба да го плаќа годишно е 121.000 евра.
Слично

Поврзани вести