Саемскиот магнат, словенечка „Ера“ заглави во милионски долгови, има ли спас за компанијата?
Словенечката трговска групација „Ера“ - Велење, која е сопственик и на контролниот пакет во Скопски саем мора да оди на задолжително порамнување за да се спаси од тужби за големите долгови.
Како што објавуваат словенечките медиуми, „Ера“ лани остварила приходи од само еден милион евра, а во истовреме има долгови од над 30 милиони евра.
„Горењска банка“ и „Абанка“, двата најголеми кредитори, барале стечај за „Ера“ за да си ги наплатат долговите, но наместо тоа сопственикот на групацијата Гвидо Омладич предложил постапка на задолжително порамнување за да се обиде да ја спаси некогашната империја.
Од средината на декември минатата година „Ера“ има блокирани банкарски сметки. Компанијата должи вкупно 20 милиони евра на различни банки, од кои: 9 милиони евра на „Горењска банка“, 4,5 милиони евра на „Абанка“, три милиони евра на „НЛБ Банка“ и нешто повеќе од еден милион евра на „Пробанка“. Но, позајмиците на банките се обезбедени со хипотека која за 10% ја надминува вредноста на земениот кредит.
Ова било пресудно за Судот да го прифати барањето на Омладич и наместо стечај да одобри задолжително порамнување, постапка која ја одобриле и необезбедените доверители, на кои сопственикот на „Ера“ им ветил целосна отплата на долговите во следните четири години. Како тоа ќе го направи сèуште не е познато, со оглед на тоа што не е објавен планот за финансиско преструктурирање на компанијата.
Словенечките медиуми пишуваат дека најголем дел од имотот на „Ера“ е практично заробен во недвижности кои минатата година беа проценети на 19 милиони евра.
„Ера, меѓудругото, е сопственик и на Скопски саем , каде што Омладич заедно со унгарската градежна компанија „Тригранит“ има намера да гради деловен и трговски центар вреден 130 милиони евра“, пишува словенечки „Дневник“.
Од Скопскиот саем, како и од трговските друштва Ера Гуд и Ера Коплас доаѓаат најголем дел од приходите за компанијата-мајка. Во 2012 година „Ера“ генерираше приходи од 30 милиони евра, но и тоа е 10 пати помалку отколку неколку години претходно. Така, во 2005 година, „Ера“ беше една од најголемите словенечки компании за трговија на мало со годишен приход од 300 милиони евра, 140 продажни места дома и во странство и речиси 3.000 вработени. Потоа своите продавници во Словенија и Хрватска ги продаде на „Меркатор“.
Слично
