Економија, финансии, бизнис

Контакт

Саемот Винска визија на Отворен Балкан кој годинава се претстави во најдобро можно светло, треба да прерасне во традиција

Саемот Винска визија на Отворен Балкан кој годинава се претстави во најдобро можно светло, треба да прерасне во традиција

Она во што, по се изгледа, ќе мора да се согласат дури и најголемите скептици, е дека иницијативата Отворен Балкан, не само што ги оправда очекувањата, туку се покажа како целосно вистински чекор на патот на регионалното зближување и унапредување на соработката. Државите учеснички ветија, и остварија – дека ќе направат се за да го олеснат слободното движење на луѓето, стоките, трговијата и услугите, и дека тоа е најправилната насока на патот кон градењето на добрососедските односи, и конечно, на патот кон ЕУ.

А, кој е вистинскиот добитник кога политичките лидери работат на уривање на бариерите меѓу државите – се разбира дека тоа е бизнисот и компаниите, кои сега многу полесно ќе се поврзат меѓу себе и ќе соработуваат. И не само тоа, сегашните проблеми со кои се соочува светот покажаа дека заеднички државите многу полесно ќе се справат со најголемите предизвици на денешното време, а тоа се обезбедувањето на доволно енергенси и храна за граѓаните.

Токму затоа, Меѓународниот саем кој се одржа во Белград во рамките на Отворен Балкан, како свој мотив го одбра претставувањето на виното и храната на државните членки, нивниот одличен квалитет и уникатност, и ги донесе на едно место деловните луѓе кои работат во таа дејност. Можност да се запознаат, да разменат контакти, но и веднаш да стартуваат соработка, а сепак и да го измерат својот квалитет, преку бројните натпревари и награди кои ги добија најдобрите брендови.

Ако се слуша гласот на бизнисот, овој Саем, кој годинава се претстави во најдобро можно светло, треба да прерасне во традиција. И не само тоа, туку да продолжи да добива целосна институционална поддршка од Владата и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Бидејќи ниту една власт не може да им помогне на своите деловни луѓе подобро отколку преку уривање на пречките кои стојат на патот на нивната соработка, намалување на бирократијата и нивно поврзување со странските компании. А доволен доказ дека е тоа така, е фактот што само на првиот ден од Саемот, биле организирани дури 420 состаноци меѓу стопанственици од различните држави.

Првиот меѓународен саем „Винска визија“, што беше дел од програмата на Самитот Отворен Балкан“, чии главен предзнак, и покрај претставувањето на целата македонска традиција, фолклор, туризам и одлична храна, беше виното, покажа дека иницијативата е одлична можност за винарниците во земјава, особено оние помалите, чии квалитет е досега многу пати потврден и несомнено препознатлив, да ја добијат потребната видливост, да ги засилат деловните контакти и да го зголемат пласманот, а со тоа и сопствениот развој и просперитет. Токму затоа, овој Саем ја заслужува сета поддршка да прерасне во традиција и да ги промовира нашите одамна докажани вински брендови. И не само тој, туку пожелно би било вакви и слични манифестации да се одржуваат многу почесто. 

А дека македонските вина се врв на Балканот, доволен доказ се престижните награди. Винариите Тиквеш и Камниковаа година се добитници на Винскиот трофеј Винска визија Отворен Балкан.Српската премиерка Ана Брнабиќ, наградите Винскиот трофеј Отворен Балкан за најдобра автохтона сорта ја додели на Тиквеш за виното Барово-црвено 2019, и Винскиот трофеј Отворен Балкан за сортата „оранж“ на Камник за виното Оранж-2019. Вреди да се истакне дека вината ги оценуваше жири составено од 25 меѓународни судии, од кои пет беа „мастери на виното“.

„Манифестациите како саемот Винска визија на Отворен Балкан отвораат можности за сите претставници на винската индустрија од земјава да излезат пред многубројна меѓународна публика и да ги покажат своите квалитети. Институционалната поддршка е од исклучително значење за сите претставници на винската индустрија, олеснувајќи го учеството и доближувајќи ја светската винска сцена во нашиот регион. Присуството на вински експерти, критичари, меѓународни медиуми и судии, ќе придонесе за понатамошно вмрежување и остварување соработки за пласман на нашите вински производи на странските пазари и ќе помогне при осознавање на потенцијалот на винската индустрија од нашата земја.  Наградата, Платинум медал и Винскиот трофеј Отворен Балкан за најдобро „оранж“ вино за нас е од големо значење, земено предвид специфичниот и природен начин на производство на ова вино, како и неговата реткост. Оваа награда, како и другите медали што Винарија Камник ги освои, се мотив повеќе за нашата идна посветеност и доусовршување на квалитетот“, изјавија од Винарија Камник.

И уште еднаш, за тоа колку суштински значајна беше оваа манифестација, е дека на саемот учествуваа речиси 400 излагачи и производители на вино од повеќе од 22 земји, пред се од Србија, од Северна Македонија (42 винарии), Албанија и земјите од регионот, но и од целиот свет, Јужна и Северна Америка и Централна Европа.

Токму Брнабиќ имаше одлична поента на доделувањето на наградите.

„Виното ни помогна, и сите вие винарии, лозари, дестилерии ни помогнавте една брилијантна политичка идеја уште повеќе да ја зацврстиме, да отвориме нови перспективи за нашата соработка на Балканот и да привлечеме и други партнери од регионот, пред се БИХ и Црна Гора. Овој саем на ОБ покажа дека имаме што да понудиме“, рече Брнабиќ.

Всушност, виното беше во центарот на вниманието на главните политички лидери. Премиерите Димитар Ковачевски, Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, заедно со своите државни делегации ги посетија штандовите, имајќи можност да се запознаат со долгата традиција на производство на грозје и вино.

И конечно, оваа манифестација, иако во рамките на Отворен Балкан, успеа да излезе и да се рефлектира многу подалеку од границите на Балканот. Таа го привлече вниманието на купувачи од ЕУ, САД, Кина и други земји од Истокот.

Слично

Поврзани вести