САЕМ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ: Невработените не веруваат во шансите да најдат работа
Речиси 20.000 лица се очекува да го посетат денешниот прв Саем за вработување во Македонија, што се одржува во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и на кој учествуваат 86 македонски компании. Сепак, оптимизмот кај невработените е мал дека можат да најдат работно место.
Повеќето од нив денеска го посетиле саемот за да се информираат или затоа што преку СМС пораки биле известени од агенциите за вработување. Меѓу посетителите има такви кои тукушто завршиле со своето образование, но и такви кои со години не можат да најдат работа.
Тие денеска можат да ги остават своите професионални биографии и да се запознаат со потенцијални работодавачи меѓу 86-те компании - учеснички на саемот. Меѓу нив се и странските компании - инвеститори во технолошко-индустриските развојни зони.За компаниите, најбарни струки се правници, економисти, ИТ и електроинженери.
„Невработените и младите денеска ќе имаат можност непосредно, преку директни средби со работодавачите, полесно и побрзо да стигнат до вистинската информација за слободните работни места, потребата од доквалификација, преквалификација и знаење“, вели министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Во рамките на саемот, ќе се одржи и форум за работодавачи и за млади невработени, на кој ќе бидат презентирани активните мерки за вработување. Невработеноста е еден од најголемите проблеми на македонската економија. Со невработеност од околу 30%, земјата е на дното во регионот.
Според видепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, владините активни политики даваат резултати, па во последните шест години неврабтеноста се намалила од 38 проценти на рекордни 28,2 отсто.
„Ваквите настани во содејство со останатите политики на Владата за намалување на невработеноста ќе продолжат да даваат позитивни ефекти и се поголем број, особено млади луѓе, како и лица кои подолго време се невработени, ќе успеат да најдат работно место“, уверен е Пешевски.
Покрај високата невработеност, за граѓаните демотивирачки се и ниските плати кои се нудат, особено од страна на странските инвеститори во Македонија. Тие, пак, евтината цена на труд ја издвојуваат како една од предностите што ги привлекува да вложуваат во земјава.
Вакви саеми за вработување, освен во Скопје, ќе се одржат уште во седум градови низ Македонија.
Слично
