САД смета дека Македонија, Србија, Косово и Босна се „огнена линија“ во односите со Русија
Единствените потенцијални сојузници на Русија на Балканот се Србија, претседателот на Република Српска во Босна и Херцеговина, Милорад Додик и Република Македонија.
Ова го пишува најблискиот весник до властите во Белград, кој објави обемна статија за посетата на Александар Вучиќ во САД и условите кои беа поставени од страна на Стејт департментот за време на преговорите.
Весникот се повикува на „дипломатски извори“. Според нив „Стејт департментот ги сметал Србија, Македонија, Косово и Босна, како држави, кои се наоѓаат на „нишан“.
САД не поставувале услови за целосен прекин на односите на овие земји со Русија, но побарале Србија јасно да се разликува од руските намери за создавање на кризни жаришта на Балканот, за да се одвлече вниманието од Украина.
Од Србија се бара да ја следи заедничката европска надворешна политика на Европската унија и да има јасна позиција во однос на конфликтот во Украина. Во моментов има премногу огништа кои бараат интервенција од страна на САД. Сериозни тензии има во балтичките земји и поради оваа причина се „неопходен мирен и стабилен Балкан“, додал дипломатскиот извор за весникот.
Властите во Вашингтон очекуваат Србија да соработува со своите соседи и да го „приземји“ претседателот на Република Српска Милорад Додик. Во исто време САД многу јасно обратиле внимание на Албанија и Косово за потребата од соработка со Србија, а не од конфликти.
Весникот тврди дека САД имаат желба за продлабочување на воената соработка со Србија, но од Србија се очекува „јасно да се утврди за НАТО и да го започне овој процес“. Американската страна сака „Србија да се вклучи поактивно и во коалицијата против тероризмот, но не само декларативно како што го прави тоа досега“.
