САД се откажува од „градење нации“ на Балканот – Што значи тоа за Македонија?
САД, како дел од промената на надворешната политика под новата администрација во вториот мандат на претседателот Доналд Трамп, не го заобиколија ниту Балканот и ќе ја применуваат новата стратегија за напуштање на концептот „градење нации“ и директно влијание врз домашното управување. Овој термин доби негативна конотација по воената инвазија врз Ирак во 2003 година под раководство на претседаелот Буш, и ангажманите на американската надворешна политика во различни делови од светот кои станаа заморувачки за домашната јавност. Тоа го искористи конзервативната политичка струја на Трамп промовирајќи го концептот „Америка на прво место“.
Во новиот извештај на Стејт департментот за состојбите во Западен Балкан, токму напуштањето на пристапот „градење нации“ има најголема тежина. Тоа во принцип значи дека САД повеќе нема да бидат директно вклучени во поддршката на националните институции и нивните операции.
САД, само во Македонија, има вложено над половина милијарда американски долари во реформи на правосудството. Кога ќе се погледнат резултатите и довербата од „2 отсто“, станува јасно зошто ваквите проекти се жестоко критикувани од американската јавност и политика.
Поместувањето на стратешките цели во извештајот „Политики на САД за унапредување на регионалната стабилност и просперитет во Западен Балкан“ се промовира како заштеда на пари во федералниот буџет за странска помош, и поттикнување на сојузниците, пред се на тие од Европа, самостојно да ги градат институционалните капацитети. Исто така, процесот на „градење нации“ е предолг, бара многу средства, многу вложување на американската дипломатија, а нема јасни рокови, резултати, и успешни приказни кои би го оправдале вложувањето.
Тоа не значи и дека САД ќе се повлечат од регионот на стратешко ниво, туку ќе продолжат да соработуваат со балканските земји во одбраната и безбедноста, економијата, енергетиката, и отпорност кон продирачкото влијание на Русија и Кина кои се сметани за противници на меѓународната сцена.
САД ќе продолжат да обезбедуваат стратешка рамка и проекти кои имаат јасен бенефит за американските граѓани, но на пример нема да учествуваат во формирање на домашни институции, како што тоа беше СЈО во Македонија по фамозните Пржински преговори.
Во извештајот до Конгресот на САД нотирано е дека организираниот криминал на Балканот се поврзува со глобалните нарко картели и терористички организации што директно ги загрозува интересите на САД. Токму тука може да се види посилен американски ангажман, па дури и методи кои досега не биле директно демонстрирани, во превод тоа што му се случи на Мадуро во Венецуела треба сериозно да ги замисли балканските лидери, особено корумпираните елити кои сметаат дека се недопирливи во нивните лукративни соработки.
Македонија направи клучен влог во односите со САД кои се оцените како највисоки и најпријателски во досегашната историја, што се потврдува со интезивниот стратешки дијалог. Токму тоа е и дел од обновената американска стратегија за Европа, преку градење блиски односи со поединечни држави и влади со кои директно се соработува, но за сметка на единственото трансатлантско партнерство како целина.
Проектите во енергетиката кои освен економско, се и стратешко и безбедносно прашање може да бидат главен адут за Македонија, бидејќи на САД и е потребен засилен енергетски коридор кој целосно ќе ја поттисне Русија од достава на енергенси во регионот, а тие ќе бидат заменети со американска понуда, пред се на течен природен гас.
Но, освен можности, новата американска стратегија јасно укажува и на обврските на земјите од Западен Балкан, особено на Македонија која е членка на НАТО дека треба да ги исполнат условите за одвојување на средства за одбраната во висина од 5 отсто од БДП, наместо досегашните 2 отсто.
Х.С