САД може да укинат уште некои санкции кон Венецуела за да се олесни продажбата на нафта
Уште неколку американски санкции врз Венецуела би можеле да бидат укинати уште оваа недела со цел да се олесни продажбата на нафта, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент.
Тој, исто така, изјави за Ројтерс дека оваа недела ќе се сретне со лидерите на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во врска со нивното повторно ангажирање во Венецуела, пренесува Бета.
Во едно интервју, Бесент изјави дека речиси пет милијарди долари од монетарните ресурси на Венецуела, кои моментално се замрзнати во ММФ, би можеле да се искористат за обновување на економијата на земјата.
„Ги отстрануваме санкциите за нафтата што ќе се продава“, рече Бесент за време на посетата на инженерскиот погон „Винебаго индустрис“.
Министерството за финансии разгледува промени што би овозможиле враќање на приходите од продажбата на нафта, која претежно се складира на бродови, назад во Венецуела.
Бесент, кој го контролира доминантниот американски удел во Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, рече дека овие две институции веќе му се обратиле во врска со Венецуела.
Венецуела моментално има околу 3,59 милијарди SDR, чија вредност е околу 4,9 милијарди долари по девизниот курс од петок, но засега не може да пристапи до овие средства.
SDR се составени од американскиот долар, еврото, јапонскиот јен, британската фунта и кинескиот јуан.
foto freepik.com
