САД ќе бидат најсреќни ако падне режимот во Иран, но има ли сценарио за денот потоа
Додека очите на светските дипломати ќе бидат вперени во Оман каде ќе се одржи првата рунда преговори меѓу САД и Иран, многумина си го поставуваат прашањето што ќе се случи доколку дојде до воена интервенција и промена на режимот во Техеран. Како ќе изгледа „денот потоа“, може ли земјата која е наследник на Персиската империја мирно да транзитира кон нова државна управа или пак целосно ќе потоне во хаос, а со себе да го втурне и регионот.
Долгата историја на промена на режими и влади на САД не го заобиколува ниту Иран. Иран откако е воспоставен новиот светски поредок по Втората светска војна е меѓу првите земји кои ќе се соочат со државен удар оркестриран од тајните служби на САД, а по барање на Велика Британија.
Дали шахот е решение за „таблата“ на Иран или уште еден пиун?
Во 1953 година по долго оперирање на ЦИА и МИ6 конечно е соборена власта на демократски избраниот премиер социјалистот Мохамед Мосадик. Неговите намери да ги национализира клучните ирански ресурси, меѓу кои и нафтените компании го вклучуваат алармот кај Англо-Иранската нафтена компанија која потоа ќе прерасне во Бритиш Петролеум и подоцнежната интервенција на владите на Велика Британија и САД.
Но, смената на власта во Иран со шахот Пахлави кој воведува конституционална монархија не води кон трајна стабилизација на земјата. Напротив, шахот е обвинет за бројни злосторства, а неговата тајна полиција која има поддршка од западните служби спроведува чистка против политички непријатели и целосно ја задушува слободата. Иран во тие години на површината изгледа како модерно и либерално општество, нема репресија од религиозните групи, но политички е целосно потиснато.
Затоа во 1979 година доаѓа до исламската револуција кога режимот на шахот Пахлави е соборен и е воспоставена Исламска република со врховен водач избран од редовите на ајатоласите и претседател кој повеќе има протоколарна функција, отколку вистинска извршна моќ. Иран до ден денешен е верски опресирана држава која се води според строгите шиитски верски правила.
Иран никогаш не смее да се потцени
Иран има 90 милиони жители, богати резерви на нафта, напредна ракетна програма и развој на нуклеарна програма за збогатување на ураниум што потенцијално може да им обезбеди нуклеарно оружје во догледно време. Иран исто така е меѓу најантиамериканските држави во светот, а преку шиитските милиции и финансирањето на прекуграничните терористички групи како Хамас и Хезболах постојано е во прокси војни со Израел, еден од најзначајните сојузници на Западот на Блискиот Исток.
Десетдневната војна во 2024 година покажа неколку слабости и на двете страни. Иран има ранлива воздушна одбрана и тешко дека би можел да се спротивстави на американската и израелската возудушна супериорност, но истовремено има голем ракетен арсенал кој може да ја потроши напредната Железна купола на Израел пред се финансиски отколку воено.
Војна не посакуваат ниту идеолошките и стратешките противници
Останатите регионални сили како Турција и Саудиска Арабија иако немаат идеолошка блискост со шиитскиот режим, како и дел од соседите кои се шиити но немаат персиско потекло исто така се против воена интервенција на САД врз Техеран.
Дури и падот на режимот на ајатоласите да им одговара идеолошки и стратешки, сепак ризикот од неизвесноста на „денот потоа“ ја прави воената интервенција длабоко непосакувана.
Постојат повеќе сценарија за замена на режимот на ајатоласите, меѓу кои враќање од егзил на шахотРеза Пахлави, најстариот син на поразениот шах Мохамед Реза Пахлави, но ова семејство речиси 50 години воопшто не е присутно во Иран и прашање е како ќе биде прифатено од народот.
Од друга страна иранската опозиција е речиси непостоечка и нема силна организациска сила што може брзо да воспостави стабилна власт. Исто така треба да се земе во предвид факторот на Иранската револуционерна гарда која има елитни единици и огромно влијание.
Вековни слабости искористени од колонијалните сили
Иран исто така секогаш бил ранлив поради бројните различни етнички, верски и национални групи кои иако се испреплетени и дел од иранската нација, сепак имаат и бројни разлики кои во минатото и пред влијанието на САД биле користени за вршење различни видови притисок, пред се од европските колонијални сили.
Иран отсекогаш бил мозаик од етнички и верски групи, што го прави „буре барут“. Лесно е да се запали со едно шкорче, но тешко е потоа да се воспостави ред без да пламне целиот Близок Исток.
Х.С.