САД ја продадоа првата венецуелска нафта
Соединетите Американски Држави(САД) ја завршија првата продажба на венецуелска нафта, вредна 500 милиони долари (429 милиони евра), објави денеска функционер од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.
Деталите за продажбата сè уште не се откриени, иако официјалниот претставник рече дека се очекуваат повеќе продажби во наредните денови и недели, објавува CBS News.
Белата куќа откри стратегија за продажба на милиони барели санкционирана венецуелска нафта и контрола на приходите, потпирајќи се на инвестиции од американски нафтени компании за оживување на нафтената инфраструктура на земјата.
Приходот од продажбата на нафта ќе биде поделен меѓу Венецуелците, американските компании и американската влада, по дискреционо право на федералната влада, објави претходно Белата куќа.
Трамп објави дека САД ќе продадат од 30 до 50 милиони барели венецуелска нафта, во партнерство со американските компании.
Минатата недела тој се сретна со водечките раководители на американските нафтени компании во Белата куќа, со кои разговараше за нивните потреби и загрижености, како и за можните инвестиции во Венецуела.На тој собир, извршниот директор на „ЕксонМобил“, Дарен Вудс, му рече на Трамп дека средствата на неговата компанија биле запленети за време на двата претходни бранови на национализација во Венецуела и дека повторното влегување на пазарот по трет пат „ќе бара некои прилично значајни промени“ во споредба со она што „историски се гледало“ во таа земја, „и каква е моменталната ситуација“.
Вудс ја нарече Венецуела „несоодветна за инвестиции“ сè додека не се направат промени во правниот систем и комерцијалната структура на земјата.
foto freepik.com