САД изготви листа на кубански туристички атракции кои Американците не смеат да ги посетуваат
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп додаде нови места за листата на туристички атракции во Куба што Американците не можат да ги посетат.
Меѓу 26-те додадени туристички атракции се хотелите во стариот дел на Хавана и скромните трговски центри во одморалиштата далеку од главниот град, објави Бета.
Посетата на Американците на сите овие објекти е забранета, бидејќи тие се во сопственост на кубанскиот воен конгломерат GAESA.
Патувањето во Куба е сé уште легално, а оваа островска земја во Карипското Море секоја година ја посетуваат стотици илјади Американци.
Сепак, санкциите го ослабуваат интересот на американските граѓани да ја посетат Куба, а оваа година е забележан пад на нивниот број.
Односите меѓу Куба и САД се влошуваат, рече кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел во телевизиското интервју во септември, поканувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп на дијалог заснован на взаемно почитување.
Кубанско-американските односи се подобрија во мандатот на американскиот претседател Барак Обама, но повторно се влошија со доаѓањето на Доналд Трамп откако актуелниот американски претседател повторно ги ограничи патувањата и ги шокираше сите со економското ембарго на САД кон соседната островска земја.
