САД ГИ ПРЕДУПРЕДУВА ТУРИСТИТЕ: Можни терористички напади на туристички места!
Соединетите Американски Држави ги предупредуваат своите граѓани дека има „веродостојни наговестувања“ за можни терористички закани во туристичките делови на Турција.
Во предупредувањето објавено доцна синоќа на веб сајтот на американската амбасада во Турција се наведува дека Вашингтон и понатаму добива известувања дека терористичките групи бараат можности за напади во популарни туристички дестинации ширум Турција.
Американската амбасада ги повика своите граѓани да бидат претпазливи на јавни места каде има многу луѓе и на популарни туристички локации. Во Турција од јули минатата година имаше шест самобомбашки напади за кои одговорноста ја преземаа или Курдските милитансти или се сметаше дека е одговорна Исламска држава.
Двајца Американци од израелско потекло, еден Израелец и еден Иранец се убиени во напад на Исламска држава во главната пешачка улица во Истанбул минатиот месец. Во јануари се убиени 12 германски туристи во историската област на тој град.
