„САД 1.000 ОТСТО ЌЕ БАНКРОТИРА“: Маск предупредува
Илон Маск, извршен директор на „Тесла“ и „Спејс Екс“, повторно упати предупредување за финансиската состојба во Соединетите Американски Држави.
Според него, Америка „1.000 проценти ќе банкротира“ ако долгот не се контролира и технолошкиот развој не се забрза.
„Доколку нема големи иновации во вештачката интелигенција и роботиката, САД се соочуваат со практичен финансиски колапс“, предупреди Маск.
Маск наведува дека националниот долг на САД моментално надминува 38,5 трилиони долари, додека каматните плаќања за тој долг изнесуваат речиси 1 трилион долари годишно, што е повеќе од буџетот на американската војска.
„Само технолошкиот напредок може значително да го забрза економскиот раст и да ѝ даде на земјата време да избегне банкрот“, додаде тој, пишува RT Balkan.
Според него, вештачката интелигенција и роботиката не се само иновации за индустријата, туку и клучна алатка за зачувување на финансиската стабилност на земјата.
Тој, сепак, предупредува дека овој развој на настаните би можел да доведе до дефлација, бидејќи производството и услугите би растеле побрзо од количината на пари во економијата, што дополнително го зголемува реалниот товар на долгот.
Иако доларот останува светска резервна валута, што им дава на САД флексибилност во задолжувањето, Маск верува дека тоа не е одржливо на долг рок без раст во производството и технологијата.
Експертите истакнуваат дека предупредувањата на Маск доаѓаат во време на растечка загриженост за огромните буџетски дефицити и јавниот долг во САД, како и сè почестите дискусии за стратегиите за одржлив економски раст.
„Не можеме да се потпираме само на фискални мерки. Технологијата мора да биде дел од решението“, заклучува Маск.