Руските туристи зимава останаа дома
Сергеј Кнорегјан, 35-годишен менаџер во Московската енергетска компанија, одлучил да го замени ски одморот во Европа со зимски одмор на Црното Море.
"Сакав да поминам одморот во Русија", посочува тој, објаснувајќи дека претходно би отпатувал во Швајцарија, Австрија и Италија. "Решив дека ќе одам на скијање во Сочи".
Бројот на Русите, кои побарале сместување во хотели во Швајцарија, е намален во 2014 година поради падот на рубљата и повиците на претседателот Владимир Путин луѓето да останат да одмараат во земјата.
Тоа се чувствува во алпскиот град Сент Мориц, кој во 1928 година и 1948 година беше домаќин на Зимските олимписки игри. Тука најскапите автомобили ги исполнуваат улиците на кои се сместени бутици како Prada и Hermes. Градот е по луксузен од Давос и од неодамна е популарна дестинација за богатите Руси.
Хотелот Kulm има 126 соби и нуди вечера за рускиот Бадник на 6-ти јануари, која вклучува настап на оперски пејач. Сето ова чини 600 франци (590 долари) од човек. Резервациите во хотелот сепак се намалија за 8 до 10% во текот на оваа зима.
"Веќе нема листа на чекање, каква што имаше во последните години", вели извршниот директор на Kulm Хеинц Хункелер. Според него во рамките на ски сезоната Русите сочинуваат околу 13 отсто од клиентите.
"Рубља дефинитивно има ефект, но се разбира многу од нашите клиенти имаат пари и надвор од Русија", коментира тој. Според него не треба да се потценуваат и зборовите на Путин, кој ги повика Русите да одат на одмор во својата родна земја.
По анексијата на Крим од Русија минатата година бројот на Русите кои се сместуваат во швајцарски хотели се намали за една десетина помеѓу мај и октомври. Некои Руси избираат да не патуваат во странство, откако Европската унија воведе санкции. Скоро 40-процентниот пад на рубљата во однос на еврото минатата година исто така ги направи одморите во странство поскапи и нанесе удар на руските туристички агенции.
Иако Русите се едвај на десеттото место на листата со странски посетители на Швајцарија во 2013 година, тие се меѓу туристите кои трошат најмногу на територијата на земјата. Во истата година тие трошеле 230 франци дневно, додека останатите странци трошеле во просек по 180 франци.
K.K.
Слично
