Економија, финансии, бизнис

Контакт

Руските и украинските туристи ќе фалат во Македонија, но и другите странци се двоумат дали да патуваат

Руските и украинските туристи ќе фалат во Македонија, но и другите странци се двоумат дали да патуваат

На македонскиот туризам ќе му фалат руските и украинските гости, иако не доаѓаа во голем број, но сепак во годините кога секторот е ранлив поради пандемијата, секој гост е важен.

Крсте Блажески од ХОТАМ вели дека има откажување на аранжманите кои биле планирани за месец мај. Дополнително, вели дека не се знае каква ќе биде состојбата во јуни, јули и август. Блажески објаснува дека војната во Украина директно ќе го намали бројот на туристи, а патувањата ги откажуваат и туристите од Полска и Холандија. Во услови кога има војна, граѓаните се во неизвесност и за планирање на летните одмори. Поради украинската криза насекаде ќе има економски последици, поскапувања,  што ќе „удри“ по џебот на луѓето, а со тоа и на можностите за патување.

„Поради војната во Украина, директно ќе се намали бројот на туристи, и тие ќе фалат, но индиректно има откажувања од Полјаци и Холанѓани. Тоа ќе се одрази на регионот, и на нас. Сите ние бараме нови пазари, бараме туристи од секаде. Двете претходни години беа многу лоши поради пандемијата, и да се надеваме дека оваа ќе биде подобра“, вели Блажески.

Тој додава дека хотелите веќе се понудиле доколку државата прима бегалци од Украина, да им отстапат 30 отсто од капацитетите, по прифатливи цени.

Сотир Габелоски, лице за односи со јавност во Општина Крушево објаснува дека пред пандемијата имале најмалку 7 параглајдерски купови годишно, на кои доаѓале и учесници од Русија и Украина. Сега поради војната очекува дека бројот на гости од овие земји ќе се намали, иако досега немало некои посериозни откажувања.

„Очекувам дека ќе бидеме погодени поради војната во Украина и дека тоа ќе се одрази на бројот на гости, затоа што претходно имаше доста  учесници, но и клубови кои се јавуваат како организатори. Сезоната за параглајдерски натпревари почнува во мај и трае до октомври“, рече Габелоски.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во декември лани, Македонија ја посетиле 77 украински туристи, и тие оствариле 164 ноќевања. Од Русија имало 309 гости, кои реализирале 589 ноќевања. Најбројни се турските туристи и посетителите од соседството. Вработените во туристичкиот сектор велат дека и турскиот пазар ќе биде погоден од војната, и дека и кај нив ќе се намали бројот на руски туристи.

Западниот сосед пресмета дека руско-украинскиот конфликт ќе го погоди албанскиот туризам со најмалку 100 милиони евра. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести