Рускиот патријарх Кирил во посета на Србија – ќе се отвори ли и македонското црковно прашање?
Рускиот патријарх Кирил од денеска ќе престојува во тридневна посета на Белград. Посетата е на покана на српскиот патријарх Иринеј и двајцата поглавари заеднички ќе служат литургија во Соборниот храм во Белград.
Според најавите, предвидено е Кирил во Србија да присуствува на осветувањето на споменикот на рускиот цар Николај Втори, ќе добие почесен докторат на Белградскиот Универзитет, а ќе се сретне и со српскиот државен врв - претседателот Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ.
Во разговорите со својот домаќин, српскиот патријарх Иринеј, се очекува да бидат отворени повеќе прашања важни за православниот свет, а не е исклучено збор да стане и за односите меѓу Српската и Македонската православна црква.
Од МПЦ велат дека и во Скопје оваа посета се следи со внимание, иако ниту еден од македонските архијереи нема официјална покана да го проследи настанот. Се очекува при посетата на Белград рускиот патријарх Кирил да го каже својот став за судењето што има намера да го покрене СПЦ против поглаварот на МПЦ г.г. Стефан.
Рускиот патријарх неодамна се сретна со македонскиот претседател Ѓорге Иванов кој му посочи дека признаениот статус на МПЦ ќе ги обезбеди македонскиот идентитет, јазик и култура. Руската православна црква досега неколкупати изрази подготвеност да посредува во спорот меѓу СПЦ и МПЦ и да помогне во изнаоѓање решение за статусот на Македонската православна црква.
Слично
