РУСКАТА ГУВЕРНЕРКА ТВРДИ-НЕ МОЖЕМЕ ДА СЕ ПОТПИРАМЕ БЕСКОНЕЧНО НА РЕЗЕРВИТЕ: Ќе бидат потребни две години за да се врати инфлацијата на 4 отсто
Руската економија не може бесконечно да се потпира на своите
финансиски резерви и ќе мора да се трансформира за да се справи со ефектите од
меѓународните санкции, вели руската
гувернерка, Елвира Набиулина.
Во најзначајниот говор откако Русија ги испрати своите сили во Украина на 24 февруари, Набиулина рече дека ќе бидат потребни две години, до 2024 година, за инфлацијата да се врати на целта од 4 отсто, пренесува Ројтерс.
„Периодот во кој економијата може да живее од резерви е ограничен. Во вториот и третиот квартал ќе влеземе во период на структурна трансформација и потрага по нови деловни модели“, рече таа.
Посочува и дека санкциите главно се одразиле на финансискиот пазар, а сега се повеќе ќе почнат да влијаат и на економијата.
„Главните проблеми ќе бидат ограничувањето на увозот и надворешната трговска логистика, а во иднина ограничувањето на извозот“, рече Набиулина, додавајќи дека руските компании ќе мора да се прилагодат.
Според неа, „руските производители ќе мора да бараат нови партнери, логистика или да се префрлат на производство на стоки од претходната генерација“.
Таа наведе неколку мерки кои ќе и помогнат на економијата да се прилагоди. Централната банка, посочи таа, размислува за пофлексибилна продажба на девизни приходи од извозниците, а исто така го тестира издавањето на дигитална рубља за да им овозможи на Русите да вршат трансакции.
„Пилот операциите поврзани со проектот се планирани за втората половина од годинава“, рече таа.
Руската централна банка повеќе од двојно ја зголеми својата референтна каматна стапка веднаш по воведувањето на меѓународните санкции, зголемувајќи ја на 20 отсто, но потоа ја намали на 17 отсто овој месец, поттикната од предизвикувачкото економско опкружување и забавувањето на инфлацијата.
ФОТО: EPA/MAXIM SHIPENKOV