Руска инвазија на Јадранот: Олигарси „меркаат“ 23 туристички проекти во Хрватска
Фирмата „Титан недвижности“, зад која стојат богати руски бизнисмени, банкари и сопственици на една од најголемите градежни компании во Москва, се пријави на тендерите за 23 проекти на хрватскиот дел од Јадранското Море. Ако ги добијат, би можеле да располагаат со имот со површина од дури 11,3 милиони квадратни метри, пишуваат хрватските медиуми.
Оваа група руски олигарси веќе десет години во Загреб имаат регистрирана компанија „Титан недвижности“, па можат да работат без разлика на санкциите што Хрватска, како членка на ЕУ, мора да ги спроведува кон Русија.
Меѓу инвеститорите е и една од најбогатите Русинки, Јелена Батурина, сопруга на поранешниот градоначалник на Москва Јуриј Лушков, чие богатство Форбс го проценува на една милијарда долари. Батурина живее во Лондон, сопственичка е на два фонда за недвижности и вложува во проекти во Европа и САД.
За Русите најинтересни за инвестирање се 100-те проекти понудени во рамките на големата програма за приватизација што ја спроведува Државната канцеларија за управување со државен имот. Особено се заинтересирани за инвестирање во поранешните воени објекти и земјишта долж целиот хрватски брег.
„Сега се е на државата. Ние сме подготвени да инвестираме. На нас санкциите не се однесуваат, затоа што фирмата е регистрирана во Хрватска“, вели Оксана Двински, директорка на „Титан недвижности“, која инаку е Украинка. Таа вели дека фирмата ќе се пријави на тендерите веднаш штом бидат распишани и оти парите не се проблем, иако станува збор за инвестиција вредна веројатно милијарди евра.
Слично
