Русите многу инвестираа во Црна Гора, сега други им го земаа приматот
Вкупниот прилив на странски директни инвестиции (СДИ) во Црна Гора во првите осум месеци од оваа година изнесуваше 595,58 милиони евра и е за 3,46 проценти повисок во однос на истиот период лани. Според прелиминарните податоци од Централната банка на Црна Гора, нето приливот на странски директни инвестиции изнесуваше 314,39 милиони евра, што е за 4,75 проценти помалку во споредба со споредбениот период.
Гледано по земји, најмногу инвестиции дојдоа од Турција вкупно 92,19 милиони евра. Од тоа, најголемиот износ на средства се однесува на меѓукомпаниски долг (51,8 милиони евра), додека околу 35,5 милиони евра беа инвестирани во недвижности. Турските граѓани инвестираа 4,8 милиони евра во домашни компании и банки.
На второ место е Србија со инвестиции во вредност од 91,84 милиони евра, при што најголемиот дел, дури 60,9 милиони е поврзан со недвижности. Следува Германија со инвестиции од 43,48 милиони евра, а граѓаните на оваа земја исто така првенствено инвестирале во недвижности 28,63 милиони евра.
Инвестиции во вредност од 41,56 милиони евра пристигнале во Црна Гора од САД, а инвестициите во недвижности доминирале со 31,89 милиони. Следен на листата е Кипар со инвестиции од речиси 40 милиони евра, првенствено во домашни компании и банки со 24,4 милиони евра.
Обединетите Арапски Емирати инвестирале 30,65 милиони евра, со приближно еднакви инвестиции во недвижности (14,4 милиони евра) и меѓукомпаниски долг (13,84 милиони евра).
Некогаш најголемите инвеститори во Црна Гора, Русите, паднале на седмата позиција по износ на инвестиции. Руските граѓани инвестирале околу 25,6 милиони евра, при што повеќе од половина од средствата, околу 13 милиони се поврзани со недвижности, пренесува Бизнис.рс.
foto Wikipedia/Nick Savchenko
